Обвинителството на Рускоска ќе ги преземе надлежностите на СЈО

8

Што предвидува новиот предлог закон за Јавното обвинителство изготвен од Министерството за правда, за кој деновиве се вршат одредени консултации меѓу колициските партнери? Дојче веле имаше увид во предложената верзија, во која, меѓу другото се определува кој ги презема надлежностите на СЈО и материјалите од незаконското следење на комуникациите. Од ова е извесно дека предлагачот се откажал од идејата за формирање ново обвинителство за гонење на висока корупција, а сите случаи од висок профил треба да бидат во надлежност на Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Таквото решение е предвидено во членот 108 во делот на Преодни и завршни одредби, пишува Дојче Веле.

„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ги презема надлежностите од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, согласно Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“, се вели во став 3 од тој член.

Во став 4 од истиот член, се прецизира дека обвинителите од СЈО продолжуваат да постапуваат по истите предмети кои се предадени на Јавното Обвинителство.

„Јавните обвинители во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, кои постапувале по предметите од надлежност на ова јавно обвинителство, продолжуваат да постапуваат по тие предмети кои се предадени на јавното обвинителство на Република Северна Македонија”, што значи дека продолжуваат сите предистраги и истраги што ги започнало СЈО.