Објавен конкурсот за фестивалот „Весело штурче“

5

Директорот на фестивалот „Весело Штурче“, Филип Стевановски на денешната прес-конференција информира дека од денеска до 1 март оваа година сите заинтересирани и талентирани дечиња ќе може да аплицираат на конкурсот во две категории. Потоа во периодот од 1 до 15 март ќе се одржи аудиција за децата, до 1 јуни се подготвува фестивалот со снимање во студио, за во септември да се одржи традиционалниот фестивал „Весело штурче“.

– Од денеска официјално го објавуваме новиот конкурс за 2023 година. Има два вида на конкурси и тоа конкурси за автори и другиот конкурс е конкурс за учесници деца од 6 до 12 години. Ќе биде исто како и мината година, со мали измени кои ќе бидат објавени на страната на „Весело штурче“, изјави Стевановски.

Во изминатите четири месеца откако заврши минатогодишното издание на фестивалот „Весело штруче“, учесниците се постојано ангажирани на разни манифестации како во Штип, така и во државата со цел децата постојано да бидат со музиката.

– За овие четири месеци од крајот на септември не застана со работа фестивалот. Со овој фестивал секојдневно имаме случувања, настапи, децата да се едуцираат, да бидат постојано со музиката. Имавме доста настани во Штип и државата а имаме и детски производ, за фестивалот да биде бренд и да биде препознатлив, рече Стевановски.

На конкурсот може да аплицираат сите деца кои ги исполнуваат условите, а ќе се изберат 20 солисти, додека бројот на деца, кои ќе бидат во детскиот хор на фестивалот е неограничен и ќе се знае по завршување на аудициите. Право да се пријават имаат и ланските солисти, но тенденција е да има нови деца, нови песни и фестивал кој ќе продолжи да се негува.