Одбележани 50 години творештво на писателот Јован Дамјановски

1

Во организација на литературниот клуб „Кирил Пејчиновиќ“ од Тетово вчера се одржа книжевна вечер со цел да се одбележат 50 години творештво на писателот Јован Дамјановски. Писателот е роден 1946 година, а во современата македонска литература се вклучува како романсиер и драмски автор. Има напишано 18 романи, две книги со раскази, книга со драмски текстови од кои седум се играни на сцена.

– Задоволство што моите сограѓани тетовци дојдоа заедно со мене да ги одбележиме 50 години творештво. Мислам дека направив многу во литературниот живот. Моите дела се едно возвишено достоинство за еден писател, за еден автор. 50 години можат да бидат и долго и кратко време. Да се надевам дека ќе има уште време за пишување, дека ќе има можност да се доискажам зошто никогаш во животот, потрагата на животот не завршува. Секогаш се доаѓа до нова потрага, до нова трага во потрагата по животните околности, истакна Јован Дамјановски.

Тој потсети дека преку литературата се обидувал да направи допир со стварноста.

– Допир со вистината во животот, зошто така се препознаваме и како луѓе. Јас во литературата го користев Карл Густав Јунг, познат психолог, таткото на аналитичката психологија. Тој зборуваше дека во човечкиот живот, луѓето се однесуваат како да имаат маски, затоа што сакаат да бидат видени како што тие сакаат да бидат видени, а не како што вистински се. Ги одбележував сите луѓе со нивната ментална хигиена, но и добрите и лошите луѓе. Мислам дека во човечкиот живот не постои, како што рекол Толстој, само лош или само добар човек. Се обидував да покажам дека луѓето се такви во какви околности ќе се најдат, потенцираше Дамјаноски.

Една од карактеристиките на неговите дела се дека дел од нив се напишани на тетовскиот дијалект.

– Пишував на дијалект, мислам дека дијалектите се свежи врутоци на литературниот јазик но не се за препознавање само во минатото, туку за препознавања и на иднината. Напишав три дела на тетовски дијалект, мислам дека се препознавање не само за мене туку и за Тетово. Во моите дела се обидувам да користам и прототипови од животот, да ги следам луѓето и добрите и лошите подеднакво. Во мојата литература се служев со една алатка словенска антитеза за пишување на дела за да се запознае нашиот човек во ова брзо, забрзано, тешко, драматично, одминливо или неодминливо, но секогаш незавршено време ние треба да живееме како луѓе во животот. Мислам дека имам читатели и тоа ме прави горделив, верувам дека човекот во животот треба да остави некоја трага. Јас со својата литература сум уверен дека оставив некоја трага, а каква е трагата ќе кажат критичарите на книжевниот збор, и читателите, посочи Дамјановски.

Присутните на настанот имаат можност преку видеозаписи да се потсетат на три од изведените драмски текстови на театарските сцени. Беа прикажани интервјуа на Дамјановски, прочитани извадоци од книгите и рецензии за неговите дела.

Во анализа на делата на Јован Дамјановски, универзитетската професорка Марина Даниловска, посочи дека неговите книжевните творби се восприемаат како читливо четиво кои го упатуваат читателот на безброј размислувања за животот и за човекот.

Во пригодното обраќање за авторот и неговиот јубилеј, Даријан Сотировски посочи дека Дамјановски со делата го отрезнува, го забавува и го развива човекот и читателот, потенцирајќи дека неговите дела се длабоки, а колку и да се зборува ќе биде малку.

Јован Дамјановски заедно со Андро Апостолски е автор и на стиховите на песната „Тетово граду мој роден“ која беше изведена од триото Шербет, кои настапија неколку пати на книжевната вечер.