Одбивањето на Скопје и Тирана е повеќе од промашена шанса

19

Високата претставничка за надворешна политика на ЕУ во заминување, Федерика Могерини, оцени дека одложувањето на одлуката на Европскиот совет за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, не е само пропуштена шанса, туку е историска грешка.

Сумирајќи ги резултатите од минатонеделните состаноци на ЕУ во Брисел, Могерини на својот блог во текстот насловен „Две одлуки, една грешка“, истакнува дека шефовите на држави и влади ја одложија одлуката за преговори и покрај извонредниот напредок што го постигнаа двете земји и позитивната препорака од Европската комисија.

– Тоа е повеќе од пропуштена шанса, тоа е историска грешка што се надевам дека наскоро ќе биде поправена, вели Могерини.

За разлика од „грешката“ кон Северна Македонија и Албанија, Могерини како добри ги оценува одлуките на европските лидери за Брегзит и за турската воена интервенција во Сирија.