Одложувањето на пописот денеска треба да помине и во Законодавно-правната комисија

13

Предлог-законските измени со кои пописот треба да се одложи за септември, денеска треба да поминат во Законодавно-правната комисија во парламентот, чија седница е закажана во 10 часот.

Собранието вчера ја почна постапката односно на пленарна седница беше усвоена потребата од донесување на законските измени, а попладнето тие помина и во Комисијата за европски прашања.

Постапката за одложување на пописот почна со 95 гласа „за“ и 7 „против“

Се очекува измените да добијат поддршка и во Законодавно-правната комисија по што ќе треба да се вратат на пленарна седница за гласање.

Пратеникот од ДУИ, Арбер Адеми, кој е претседател на Комисијата за европски прашања вчера изјави дека постои можност денеска да се одржи и пленарна седница.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, треба да ја закаже откако ќе добие извештај дека комисиите завршиле со работа.

Одложувањето на пописот од април за септември беше договорено на лидерската средба меѓу премиерот Зоран Заев и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, за што согласност има и од ДУИ и БЕСА.

Опозициската коалиција на Алијанса на Албанците и Алтернатива остана на ставот дека не треба да има одложување на пописот, а на предлог-измените пратениците од оваа коалиција вчера доставиле повеќе од 100 амандмани. Меѓутоа, тие не беа прифатени на Комисијата за европски прашања бидејќи, како што изјави Адеми, не биле уредно доставени.

Три амандмани имала и Левица, но ниту еден не беше прифатен.