Од две до две и пол години затвор за професорите од Економски факултет кои зеле поткуп

8

Професорите Бобек Шуклев, Драги Јанев, Славе Ристевски и Драган Денковски се виновни, одлучи судот во случајот „Еразмус“. Првообвинетиот Шуклев доби казна затвор од две години за примање поткуп. Обвинетиот Драги Јанев, за кој судот кажа дека исто како Шуклев барал сексуални услуги од студентки за да пише преодни оцени, осуден е на две години и шест месеци затвор. Професорот Славе Ристевски е исто така осуден на две години и шест месеци затвор. Условно осуден е и демонстраторот на Економскиот факултет, Драган Денковски, кој бил посредник меѓу студентите и професорите.

Ослободен од обвинението е професорот Стојан Дебарлиев, кого судот го прогласи за невин. Професорите добија и забрана за вршење дејност во траење од 10 години, а на Денковски во траење од пет години.

„Професорите ги прекршиле не само кривичноправните норми туку и моралните и етичките норми кои ги налага кодексот во образовниот процес. Овој суд утврди дека Бобек Шуклев презел дејствија што му се ставаат на товар, побарал 1.000 евра за да напише две оцени со цел студентот да ги положи испитите. Тоа е утврдено од материјалните докази и ПИ-мерките. Тој побарал од студентот сексуални услуги, заедно да престојуваат во ресторани надвор од државата со цел да му пише оценка. Тоа е утврдено од видеоматеријалот, како и од сведоштвото на осудениот Дејан Трајковиќ“, рече судот.

„Драги Јанев интервенирал кај своите колеги да извршат дејствија што не смееле да ги извршат. Презел дејствија за полагање испити и барал сексуални услуги од студентот. Тој барал оценки кај Славе Ристески. Од видеоматеријалите можеше да се види односот на овој професор со студентите. Професорот побарал поткуп за Математика за економисти за 600 евра, а студентот дал 500 евра на сведокот Дејан Трајковиќ. Преку обвинетиот, Драган Денковски побарал 800 евра за полагање на уште еден испит. Судот утврди дека се работи за план и шема разработени од професорот. На посочените студенти УЦП 01 и УЦП 02 им напишал шестки, иако тие немале потребно знаење за да го положат“, кажа судот.

„Драган Денковски бил посредник преку кој професорите зеле подароци, парични средства, за да напишат преодни оцени на студентите кои не покажале доволно знаење. Дејствијата на извршување на овој обвинет произлегуваат и од сведочењето на Дејан Трајковски, кој јасно опиша како ги предавал парите“, кажа судот.
„Во однос на Стојан Дебарлиев, судот не најде дека го сторил кривичното дело кое му се става на товар“, додаде судот.

Обвинителството ги гонеше професори Бобек Шуклев и Славе Ристески, кои се товарат за сторено кривично дело примање поткуп, лицето Драги Јанев се обвинува дека сторило кривично дело примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание од Кривичниот законик. Обвинетиот Стојан Дебарлиев се товареше за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од Кривичниот законик, но беше прогласен за невин. Со обвинителниот акт се обвинуваше и лицето Драган Денковски, кој бил демонстратор на факултетот, за сторени три кривични дела давање поткуп.

Предметот е отворен во јуни 2016 година. Професорите се сомничат дека барале и примале поткуп од 500 до 1.000 евра за да им пишат преодна оценка за положен испит на студенти без знаење, а според обвинението, случаи кога студенти добиле шестка иако немале право да го полагаат испитот или не им бил пријавен во таа испитна сесија.