Од денеска извршителите продолжуваат со присилна наплата

3

 

Заврши грејс периодот за наплата на неплатените сметки и долгови кои граѓаните и компаниите ги имаат кон разни фирми и доверители. Од денеска извршителите продолжуваат со редовните активности откако истече важноста на Уредбата со која беше предвидено 30 дена по престанувањето на вонредната состојба да продолжи целосната примена на Законот за извршување.

Од Комората на извршители соопштија дека Согласно Уредба со законска сила за примена на Законот за извршување за време на вонредна состојба (Службен весник бр. 86 од 01.04.2020 година) е предвидено дека Законот за извршување нема да се применува од денот на влегување во сила на уредбата со законска сила до 30 јуни 2020 година, a согласно Уредба со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за извршување за време на вонредна состојба (Службен весник бр. 156 од 12.06.2020 година) се менуваат зборовите од првата Уредба „до 30 јуни“ со зборовите „заклучно со истекот на 30 дена по престанувањето на вонредната состојба“.

Согласно последната Уредба со законска сила за измена и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за извршување, важењето на Уредбата е уште 30 дена по престанувањето на вонредната состојба, а која заврши на 23.06.2020 година, што значи дека од 24.07.2020 година продолжува целосната примена на Законот за извршување, се вели во соопштението од Комората на извршители.

Според официјалните податоци до март биле блокирани повеќе од 106.000 сметки, од што 26.000 биле на правни лица, а 80.000 на граѓани.

Од Комората велат дека иако извршувањето од сметките на граѓаните и фирмите било запрено, сепак целосно не била стопирана пресметката на каматата на долгот што го имале. До важноста на рокот со кој извршувањето не се спроведуваше не се плаќаа задршките на плати или од сметки за извршните решенија, односно банката не ја задржуваше висината на договорената рата, но на постојните долгови се пресметуваше камата, објаснуваат извршителите. Тоа практично значи дека по завршување на грејс-периодот износот што ќе треба да се враќа ќе биде зголемен.

Извршителите велат дека до нив никој не доставил барање извршувањата да се одложуваат и во наредниот период, што можеле да го иницираат било кој од доверителите за секој предмет посебно. Тоа практично значи дека извршителите од денес ќе продоилжат да ги извршуваат блокираните сметки на граѓаните и фирмите пред 1 април, но и ќе се става блокада на новите долгови, а продолжува и продажбата на недвижностите кои се запленети.

Како што објаснуваат од Комората, извршувањето врз плата и пензија може да се спроведе до износот од една третина на платата или пензијата, а во случаи на побарувања заради издршка, надоместок на штета заради загубена издршка поради смрт на давателот на издршката и сл, може да се спроведе извршување до една петтина од платата или пензијата.

Должниците чии сметки се блокирани, а на неа примаат плата односно пензија, треба писмено да го известат извршителот и да му достават доказ за да се одблокира сметката во банка, но и така ќе продолжи извршувањето со остатокот од паричните средства кои не го зафаќаат законскиот минимум.