Од ковид-19 почина 35-годишен битолчанец кој претходно избегал од болницата, а бил вратен во тешка состојба

85

Синоќа, во Клиничка болница Битола почина 35-годишен битолчанец кој претходно побегнал од болницата и со свое возило си заминал дома, каде за да се одмори се напил средства за смирување. Потоа не се будел, па семејството повикало Брза помош и бил вратен на болница каде се презеле сите мерки за да му се помогне, но пациентот починал, пишува Сакамдакажам.мк

„Пациентот вчера предпладнето кога се делел ручекот избегал од Ковид одделот каде и бил хоспитализиран. За бегството било известено болничкото обезбедување, МВР и директорот на Клиничката болница Битола, како и епидемиологот. Потоа, во 18:02 часот пациентот бил донесен со возило на Итна медицинска помош (ИМП) и медицинска екипа во вонредно тешка општа состојба, неконтактибилен, тахидиспноичен, хипотензичен со немерливи витални параметри, немерлива сатурација, со пена на устата и изразена цијаноза. Според кажувањата на медицинската екипа од ИМП, пациентот со приватно возило си отишол дома наводно да се наспие и одмори и се напил средства за спиење и смирување во непозната количина, веднаш заспал и не се будел, по што семејството повикало ИМП кои веднаш дошле во домот и ординирале терапија која немала ефект, по што е донесен на Инфективно одделение. Од страна на дежурната екипа на Ковид одделот биле преземени реанимациони мерки, но без поволен терапевтски одговор. Во 18:45 часот настапила смртта со клиничка слика на тешка кардиореспираторна инсуфициенција и престанок на работа на срцето. Во системот не постојат внесени коморбидитети“, соопшшти Министерството за здравство.

Пациентот на 13 ноември се јавил во тријажна амбуланта, со симптоми на покачена телесна температура, кашлица. Му била дадена терапија и дадена препорака за изолација и закажување тест преку матичен лекар. На 16 ноември повторно се јавил на преглед, дадена му е ампуларна тераппија, но поради прогресија на наодот, тешко дишење, температура, појава на бронхопневмонија бил хоспитализиран во ковид суспектни пациенти. На 17 ноември е земен брис и е добиен позитивен резултат на ковид-19.

Од СВР Битола соопштија дека асистирале при враќањето на пациентот назад.

„Доктор се јави во СВР Битола и пријави дека вчера лице позитивно на ковид-19 избегало од установата. Тоа било пронајдено од полициски службеници и била поивикана Итна медицинска помош за да се транспортира назад на Болница“, велат од СВР Битола.

Досега во Битола од ковид-19 починаа 65 болни, од кои 43 овој месец.

Сакамдакажам.мк