Од обработени речиси 55 отсто гласови: ГЕРБ со 28, Трифонов со 19, БСП со 15%, ВМРО на Каракачанов под прагот

14

Централната изборна комисија (ЦИК) на Бугарија објави дека при обработени 54,63% од гласовите, партијата ГЕРБ на Бојко Борисов освоила 24,88%, Таков народ има на Слави Трифонов – 18,74%, БСП 14,91%, Демократска Бугарија – 10,53%, МРФ – 8,99%, Исправи се! Излези! – 4,98%.

Под прагот од 4 отсто, кој е неопходен за влез во парламентот, се ВМРО со 3,55%, БНО со 3,14%, Преродба со 2,79% и патриотската коалиција „Вил – НФСБ“ – 2,44%.

ЦИК објави дека се обработени 93,98% од гласовите од дијаспората, при што најмногу гласови освои Таков народ има со 30,11%, потоа Демократска Бугарија – 17,30%, МРФ – 14,26%, ГЕРБ доби 8,63%, Преродба – 7,23%, БСП за Бугарија – 6,47%, БНО – 5,29%, Исправи се! Излези! – 4,23%, ВМРО – 1,56 отсто од гласовите.

Според последните резултати, врз основа на 100% од паралелното пребројување на гласовите што го објави агенцијата „Алфа рисирч“, за партијата на Борисов се определиле 25,2 отсто од бугарските гласачи. Овие резултати, според првичните проекции, на ГЕРБ би му обезбедиле 69 пратеници. Доколку конечните резултати не се разликуваат во голема мера со првичните, ова би значело дека ГЕРБ во новиот парламент ќе има значително помалку пратеници. На претходните избори владејачката партија освои 33,5 проценти од гласовите и имаше 95 пратенички мандати.

Во бугарскиот парламент има 240 места, па за формирање мнозинство се потребни најмалку 121 пратеник. Извесно е дека според актуелните бројки Борисов не би можел да формира влада само со досегашниот партнер, ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов. Тој во претходниот состав во парламентот, заедно со партијата АТАКА, настапуваше во коалицијата со име „Обединети патриоти“ и имаше 27 пратеници. Но, по вчерашното гласање, ВМРО-БНД најверојатно ќе биде „најслабата“ парламентарна партија со освоени 4 проценти од гласовите, односно 11 пратеници (според проекциите на „Алфа рисрч“).

Меѓутоа, со оглед дека не станува збор за конечни резултати, не е сигурно ни дека ВМРО-БНД ќе успее да влезе во парламентот, бидејќи изборниот праг е поставен токму на процентот околу кој се движи нивниот број на освоени гласови.


Актуелниот премиер Бојко Борисов во своето прво обраќање по завршувањето на изборниот ден предложи формирање експертски кабинет, кој би ја водел државата до излезот од пандемијата до декември, датум по кој, според тоа што може да се протолкува од неговата изјава, би требало да се оди на ново одмерување на политичките сили.