Од следната година единствена работна дозвола за Македонија, Србија и Албанија

8

Марко Чадеж, претседателот на Стопанската комора на Србија, на денешниот состанок на иницијативата „Отворен Балкан“ рече дека оваа иницијатива е клучна за опстанокот на економијата и работните места во регионот и најави дека Македонија, Србија и Албанија можат да сметаат на една работна дозвола и единствен информативен систем од следната година.

„Имаме проблеми со работната сила. Пазарот на трудот станува навистина проблематичен. Мора да изнаоѓаме начини да го прошириме бизнисот, да правиме нови зделки, треба да имаме простор каде што ќе ги реализираме тие бизниси и луѓе со кои ќе ги реализираме“,изјави Чадеж.

Тој нагласи дека идејата на „Отворен Балкан“ е да се направи соработка меѓу земјите од регионот и да се однесуваме едни со други како да живееме во една економија.

„Имаме превоз што поскапува. Од почетокот на иницијативата до денес, веќе во рамките на ‘Отворениот Балкан’ се скрати времето на патување. Меѓу овие три земји патувањето на камионите, кои излегуваат од Албанија и стигнуваат до Србија, е скратено за цел ден. Тоа навистина им заштедува пари на компаниите“,вели Чадеж.

Тој посочи дека од следната година може да се смета на единствена работна дозвола и единствен информативен систем за граѓаните на „Отворен Балкан“.

Вели дека со иницијативата „Отворен Балкански“ има многу добра основа за нови инвестиции, бидејќи странските инвеститори не гледаат само на една земја, туку на регион кој или има или нема добри услови.

На денешната средба за „Отворен Балкан“ беше предвидено да учествува премиерот Зоран Заев, но откако тој го откажа патувањето, од Владата соопштија дека на состанокот во Белград ќе присуствува вицепремиерот Никола Димитров.