Олена Зеленска порача: Утре можат да влезат и во вашите градови

18

Првата дама на Украина, Олена Зеленска на Instagram испрати посебна порака до медиумите.

„Во последно време голем број медиуми од целиот свет се јавија со барања за интервју. Ова писмо служи како мој одговор на овие барања и е мое сведоштво од Украина. Тоа што се случи пред повеќе од една недела беше невозможно за верување. Нашата земја беше мирна, нашите градови, места и села беа полни живот. На 24 февруари се разбудивме од руската инвазија. Тенкови ја преминаа украинската граница, авиони влегоа во нашиот воздушен простор, ракетни фрлачи ги опколија нашите градови. И покрај уверувањата на пропагандните медиуми поддржувани од Кремљ, а кои ова го нарекуваат „специјална операција“, тоа е всушност масовно убиство на украински цивили.

Губењето на детски животи можеби е најстрашното и најразорното што ова инвазија го донесе. Осумгодишната Алис која почина на улиците додека дедото се обиде да ја заштити. Или Полина од Киев, која со родителите загина во гранатирање. Четиринаесетгодишниот Арсениј почина откако доживеа удар по главата, му немаше спас бидејќи брзата помош не можеше да дојде до него на време, поради силните пожари. Кога Русија вели дека не води војна против цивили, прво ги повикувам имињата на овие убиени деца.

<

Сега нашите жени и деца живеат во засолништа и во подруми. Веројатно веќе сте ги виделе фотографиите од метро станиците во Киев и Харков, каде луѓето лежат на подови со нивните деца и миленици – заробени. Тоа се само некои од последиците на војната, за Украинците тоа сега е ужасна реалност, во некои градови семејствата не можат да излезат од засолништа по неколку дена поради неселективно и намерно бомбардирање и гранатирање цивилни инфраструктури.

Првото новороденче во војната се роди во подрум, неговото прво дишење беше остриот воздух на подземјето, а беше дочекано од заедница заробена и тероризирана. Во овој момент постојат неколку десетици деца кои никогаш во животот не го запознале мирот. Оваа војна се води против цивилно население. На некои луѓе им се потребни интензивна нега и континуирано лекување, а сега не можат да го добија. Колку е лесно да ставите инсулин во подрум? Или да добиете лекови за астма? Да не ги спомнувам илјадниците пациенти со рак чиј основен пристап до хемотерапија и радиотерапија сега е одложен на неодредено време“, стои во обраќањето на Олена Зеленска.

Понатаму, таа нагласува дека Украинците, без разлика на политичките ставови, мајчиниот јазик, уверувања и националност, се обединети и не ги дочекаа Русите како спасители туку со молотови коктели.

Таа повика за поддршка на Украина, земја која само сака мир. Но, ќе ги брани своите граници и идентитет. Упати апел за затворање на небото.

„Затворете го небото, а ние самите ќе видиме војна на терен“, смета Зеленска.

Таа упати барање до медиумите да продолжат со прикажување на вистината, во информациската војна што ја води Руската Федерација секој доказ е пресуден, посочи таа.

„Ова е војна во Европа, близу границите на ЕУ. Украина запира сила која би можела утре агресивно да влезе во вашите градови под изговор дека спасува цивили. Минатата недела на мене и мојот народ ова ни се чинеше како претерување, но сега е реалност во која живееме. И не знаеме колку ќе трае. Ако не го запреме Путин, кој се закани дека ќе почне нуклеарна војна, нема да има безбедно место во светот за никој од нас. Ние ќе победиме. Поради нашето единство. Единство во љубовта кон Украина“, стои во обраќањето на првата дама на оваа земја.