Поради проблемите со статичноста на металните конструкции на кровот, Олимпискиот стадион во Атина ќе остане затворен на неодредено време, а надлежниот министер за спорт на Грција Јанис Вруцис, единствено за велосипедската патека соопшти дека ќе се отвори во текот на 2024 година, јави дописничката од Атина.
Вруцис најави 10 милиони евра за надградба на спортските објекти во земјата и дополнителни 3,5 милиони евра за зајакнување на буџетот на стадионот, меѓутоа не се осврна конкретно кога повторно ќе биде отворен.
Соопшти дека државата ќе им помогне на клубовите кои ги користат затворените спортски објекти за тренинзи и натпревари.
Олимпискиот стадион во Атина (ОАКА) беше изграден за Олимпијадата во 2004 година, а во петокот вечерта, од безбедносни причини, поради проблемите со статичноста на металните конструкции на кровот, беше привремено затворен за секакви активности, заедно со велосипедската патека.
Освен спортски натпревари, на најголемиот стадион во Грција се одржуваат и концерти и разни манифестации.