Опозициски блок на албанските партии: Фер и демократски избори, целосно ирационално е да се прави двоен трошок

4

Претседателите на Алтернатива, Беса и Демократско движење, Африм Гаши, Билал Касами и Изет Меџити, на заедничка прес-конференција се заложија за фер и демократски избори, порачувајќи во исто време дека изборите треба да се одржат во исто време, со цел да не се прави ирационално двоен трошок.

-Што се однесува до тоа дали претседателските и парламентарните избори треба да се одржат во исто време или раздвоени, сметаме дека целосно ирационално да се прави двоен трошок, но сакаме да ги чуеме аргументите на ДУИ и СДСМ со кои пред граѓаните ќе ја бранат оваа ирационална позиција. Сепак сме подготвени на двете сценарија. Владината коалиција по прашањето на изборите се однесува како разгалено дете кое мисли ако топката привремено е во нивна раце може да условува. Власта е делегитимирана, граѓаните едвај чекаат на избори и формално да ја отпуштат од должност.

Колку побрзо се отрезнат толку подобро за државата. Секое понатамошно инаетење ќе создаде потенцијал за уставна криза која на среден рок ќе предизвика многу штетни последици. Изборите ќе ги изгубат на еден или друг начин. Прашање е само колку ќе ги мачат граѓаните пред да се соочат со загубата и со реалноста, рече претседателот на Движењето Беса, Касами, на заедничката прес-конференција со Меџити и Гаши.

За нас, како што потенцира тој, приоритет број еден е создавање предуслови за слободни, фер и демократски избори.

-До нас стигнуваат информации дека Бујар Османи се обидува претседавањето со ОБСЕ да го злоупотреби за влијание врз одлуката за бројот на набљудувачи на изборниот процес. Јасно прашуваме дека точно знаеме на што се подготвени за да се обидат да го заштитат нелегалното стекнато богатство. Разработуваме сериозна стратегија за справување со сите евентуални злоупотреби. Здружената албанска опозиција има легитимитет да бара соодветна застапеност во изборните органи. Имајќи во предвид дека пратениците Фадил Зендели и Сафије Садики Шаини поднесоа конкретна иницијатива за пополнување на нашето место член на ДИК, бараме пратениците на ДУИ и СДСМ, да не бараат изговори за да ја одоговлекуваат или евентуално со нерационално толкување да избегнат исполнување на законската обврска, рече Касами.

Гаши, пак, соопшти дека тие како здружена албанска опозиција имаат поставено три услови во однос на наредните избори.

-Прво, сакаме да ви кажеме дека ние сме потполно уверени дека нема да правиме никакви компромиси со патот на државата кон ЕУ. Значи, уставните измени ги гледаме во таа насока. Оваа држава нема друга подобра алтернатива. Затоа, здружената албанска опозиција ќе прави влада со тие политички партии кои сакаат да го продолжат патот на државата кон ЕУ. Вториот наш услов се работи за уставниот амандман за незастарување на политичката корупција. Значи, знаете власта со последните измени на Кривичниот законик тие ги намали. Нашата цел е крајно да ставиме точка на злоупотребата на функционерите, избраните и именуваните лица кои се збогатуваат со парите на народот. Ќе се бориме тоа да биде уставен амандман и тие дела да не застаруваат никогаш, рече тој.

Гаши информира дека третиот нивен услов се однесува на бришењето на формулацијата „јазикот кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ со албански јазик.

-Ние сметаме дека таа формулација е понижувачка и кога ќе се отвори Уставот, таа треба да се смени и да стои јасно албанскиот јазик, а не никакви други проценти. Мислиме дека тоа не му прави никаква чест ниту на Албанците, ниту на Македонците, ниту на сите други граѓани, а сме убедени дека е во смисла на унапредување на државата во рамки на ЕУ и што побрзо зачленување на нашата држава во ЕУ, рече тој.

Меџити од своја страна истакна дека „ДУИ одамна е откажана од уставните измени и оти единствената причина за враќањето на Никола Груевски е на таков начин да издејствуваат пазар со раководството на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени“.

-Нашите извори кажуваат дека ДУИ одамна е откажана од уставните измени и дека единствената причина за враќањето на Груевски е на таков начин да издејствуваат пазар со раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Се надеваат дека Груевски ќе им обезбеди позиција и со изгубени избори да можат да издејствуваат концентрациона влада во која ќе се пазарат и со пратениците на СДСМ. Време е ДУИ да ги слуша пораките и на министрите од Алијансата на Албанците и  опозицијата е за луѓе. Албанците на изборите ќе им ја испорачаат фактурата на ДУИ. Нема прошка за кокетирањето со Груевски, политичарот кој не само што нанесе штета на албанскиот народ туку како премиер со антикризацијата ја оддалечи државата од ЕУ. Врвно лицемерие е сега ДУИ да манипулира дека Груевски ќе ни ги донесе европските вредности од Будимпешта, рече тој.

На новинарско дали ќе имаат свои претставници во работната група која што треба да се состане во Собранието за одредување на датумот на изборите, Меџити мнагласи дека се подготвува и ќе учествуваат во таква работна група.

-Ние бараме да имаме член и во ДИК, бидејќи тоа ќе биде знак дека сме спремни и работиме за фер и демократски избори. Посебно тие што сакаат да се наречат европски фронт значи не можат се уште да влечат една работа, албанската опозиција нема претставник во ДИК. Ние сме спремни и ќе учествуваме во таква работна група, рече тој.

Меџити истакна дека во текот на следната недела како здружена албанска опозиција ќе излезат со информации околу платформата со која ќе учествуваат на наредните избори и со името на заедничкиот опозициски албански кандидат за претседател на државата. Прашан дали е можно Меџити да биде кандидат за претседател на државата од албанската опозиција, тој рече дека се уште не разговарале за името на кандидатот.

-Верувам дека во наредните денови, трите политички субјекти ќе одржиме состаноци во нашите тела и мислам дека следната недела ќе дадеме јасна порака за платформата, за заедничкиот претседателски кандидат и за сите други прашања. За името не сме ни зборувале, односно дали ќе биде во рамките на нашите политички субјекти, но отсега велам дека најверојатно тој ќе биде претседател кој уште повеќе ќе обедини и ќе биде сериозна алтернатива кој сериозно ќе се натпреварува и биде клучен фактор на следните претседателски избори, рече Меџити.

Прашан какви се можностите за евентуална коалиција со Алијанс за Албанците на претстојните парламентарни и претседателски избори, Меџити нагласи дека тие треба да пресечат на која страна сакаат да бидат и оти остануваат отворени и за невладиниот сектор и независните интелектуалци.

-Во однос на Алијанса, тоа е нивна одлука. Гледаме дека има различни мислења таму. Крајно време е да пресечат. Наш став е дека сме отворени и за невладиниот сектор и за независните интелектуалци, па и за Алијансата за Албанците, но треба да пресечат и да знаат дали сакаат да бидат во оваа власт или сакаат да бидат дел од опозицијата и дел од новата победа и новите промени што следуваат, рече тој.