Опозицијата најави блокада на Собранието – Ковачевски: Нема да нанесе штета на Владата туку на граѓаните

17

На седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ беше донесена одлука за спроведување на блокада на Собранието.

Од таму беше пратена порака дека блокада ќе има се додека власта не се согласи за предвремени парламентарни избори, а вчера лидерот на опозициска ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски повторно побара од СДСМ да седнат и да договорат датум за избори.

„Ова кое што вчера го донесовме како заклучок на седницата на Извршниот комитет е практично реакција на акцијата на власта и за сите понатамошни последици власта ќе биде таа што ќе биде одговорна бидејќи јас лично и ВМРО-ДПМНЕ многу пати во изминативе 100 дена повикувавме на заедништво, повикувавме на дијалог, повикувавме на разговор да седнеме да зборуваме за проблемите, да зборуваме за одржување предвремени парламентарни избори“, рече Мицкоски.

Премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски вчера во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 порача истакна дека нема да прифати уцени, а го обвини Мицкоски дека некому нешто должи или пак нешто ветил и затоа вака се однесува.

„Закани, и тоа инфатилни закани од типот имате уште пет дена, четири дена, три дена, одбројување – тоа се минати времиња. Ние сме демократска држава“, вели Ковачевски.

Тој додаде дека бојкотот нема да и нанесе штета на Владата туку на граѓаните.

„Пратениците не се избрани од партијата, пратениците се избрани од граѓаните и бојкот, или како што го викаат активен бојкот во Собранието практично нема да се нанесе штета на Владата или на самото Собрание, туку тоа ќе нанесе штета на граѓаните“, вели Ковачевски.

Приклучување кон блокадата на Собранието најавија и од движењето Беса.

„Со тие капацитети што ги има Беса, во случајот со двајцата пратеници во Собранието ние ќе делуваме да имаме активна блокада затоа што цениме дека после неуспехот да се добие датум оваа Влада нема ни најмалку кредибилитет да продолжи понатаму. После сите овие кризи со кои се соочуваме и со нерешеното одлучување и постапување на оваа Влада цениме дека оваа Влада веќе го нема легитимитетот и затоа ни се потребни предвремени избори“, вели Касами.

На најавите за блокада реагираа и од ДУИ од каде оценија дека опозицијата спроведува институционално насилство кое не оди во интерес на граѓаните.

Претседателот на Собранието пак Талат Џафери вели дека ќе постапува според собранискиот Деловник а дека секоја партија е одговорна за своето дејствување пред граѓаните.