Опра Винфри ја даде својата прва изјава по интервјуто: И зад камера извлекла важни информации од принцот Хари

16

Меган Маркл и принцот Хари откако го напуштија британското кралско семејство, одлучија да ја раскажат својата страна од приказната, а како соговорник ја одбраа светски познатата водителка Опра Винфри.

Во двочасовното интервју со Винфри, парот изнесе многу шокантни изјави кои молскавично се раширија низ целиот свет и предизвикаа бурни рекации.

Винфри сега откри дека откако завршило интервјуто и кога се исклучиле камерите, Хари не сакал да открие кој дискутирал за бојата на кожата на неговиот син во палатата, но открил дека не станува збор за неговата баба – кралицата Елизабета II, ниту пак за принцот Филип.

Самата Опра и милиони луѓе ширум светот по интервјуто се прашуваат, претпоставуваат, едноставно сакаат да знаат кој имал толку расистички коментари за синот на Меган и Хари, но тие сепак не открија детали.

Принцот Хари и Меган изјавија дека сакаат да го заштитат идентитетот на личноста која во тоа време била „загрижена“ за бојата на кожата на тогаш неродениот Арчи, затоа што како што велат, доколку откријат за кој станува збор тоа би нанело многу штета на кралското семејство.

„Ниту неговата баба, ниту дедо му не биле вмешани во ова. Тој не ми кажа кој бил дел од тие разговори, но како што гледате, јас се обидов да го добијам тој одговор и пред и зад камерата“, изјави Опра по интервјуто, која сепак успеа да „извлече“ важни информации од Хари.

Кога Опра ја праша зошто не сакале да му ја дадат титулата принц на Арчи, Меган одговори дека расата била тема на разговор неколку пати. Кралското семејство, тврди таа, било загрижено за бојата на кожата на Арчи. Семејството разговарало со Хари за овие работи, посочува Меган.

„Кога бев бремена, постар член од кралското семејство неколкупати изрази загриженост дали кожата на Арчи ќе биде потемна поради мене, и дека детето нема да добие титула или безбедност поради тоа“, изјави Меган.

Маркл воедно изјави дека палатата била подготвена да лаже за да ги заштити другите членови на семејството, отколку да застане на нејзина страна и да ги негира сите невистини кои се изнесуваат во јавноста за неа.

„Дури кога се венчавме и работите почнаа да се влошуваат, сфатив дека не само што немав никаква заштита, туку тие беа подготвени да лажат за да ги заштитат другите членови на семејството, но тие не беа подготвени да ја кажат вистината за да ме заштитат мене и мојот сопруг“, заклучи Меган.