Орбан до ЕУ: Новите санкции повеќе ќе ѝ наштетат на Унгарија, отколку на Русија

5

Новиот пакет санкции на Европската унија против Русија, вклучитлно и можното ембарго за увоз на сурова нафта, ќе ѝ нанесе поголема штета на Унгарија отколку на Русија, изјави премиерот Виктор Орбан, пренесува Ројтерс.

Во писмото до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, Орбан рече дека најновиот пакет санкции на ЕУ ризикува да го поткопа единството на блокот и дека неговото одобрување би било „историски неуспех“.

Извршната власт на Европската унија во средата го предложи досега најстрогиот пакет санкции против Москва поради нејзината офанзива во Украина, но неколку земји-членки се загрижени за влијанието на прекинот на увозот на нафта од Русија и застанаа на патот на договорот.

Неколку источни земји на ЕУ се загрижени дека застојот нема да им дозволи доволно време да се прилагодат, иако дипломатите рекоа дека Унгарија и Словачка ќе добијат рок до крајот на 2023 година.

Министерот за надворешни работи Петер Сијарто рече дека, дури и со задоцнување, Унгарија може да се согласи со мерките само ако увозот на сурова нафта од Русија преку гасоводот биде изземен од санкциите.

Во писмото на Орбан се вели дека одобрувањето на предложените санкции ќе бара големи инвестиции во алтернативна инфраструктура за снабдување и ремонт на унгарските капацитети за рафинирање на нафта.

Орбан, исто така, напишал дека мерките ќе предизвикаат дополнително зголемување на цените на енергијата без доволно корективни мерки од страна на ЕУ за да се ублажат последиците.

Земјата без излез на море – чиј премиер негува поблиски врски со Кремљ од другите во блокот – доби повеќе од половина од увозот на сурова нафта и нафтени производи од Русија минатата година, според Меѓународната агенција за енергетика.