Ортодокс тајмс“: Можно е да нема заедничко сослужување на Вартолемеј и Стефан, томосот на СПЦ го комплицира статусот на Охридска архиепископија

3

Влијателниот портал „Ортодокс тајмс“’, кој информира за случувањата во православието на грчки и на англиски јазик, се сомнева дека денешната одлука на Српската патријаршија во однос на Охридска архиепископија е дел од политиката на Московската патријаршија, со која директно се доведува во прашање јурисдикцијата на Вселенската патријаршија, како единствен надлежен црковен орган за доделување автокефалност.

Уредничката на порталот, Ефи Ефтимуи, смета дека Српската патријаршија извела потег кој потсетува на руската тактика и со кој дополнително се усложнуваат состојбите во православието и тоа во екот на војната во Украина предзвикана од руската агресија.

„Ова создава проблеми во однос на статусот на Црквата на Северна Македонија, чиј поглавар е предвидено за неколку дена да биде во Цариград на сослужување со Вселенскиот патријарх (останува да се види дали ова сослужување ќе се одржи, во светло на најновите случувања)“, пишува во својот коментар уредничката на „Ортодокс Тајмс“, Ефи Ефтимиу.

Таа потсетува дека Вселенскиот патријарх, во пресрет на развојот на настаните, ја призна Охридската архиепископија, прифаќајќи ги во евхаристиско единство „хиерархијата, свештенството и народот на оваа Црква, под архиепископот Стефан“.

Ефимиу нагласува дека во соопштението од Светиот синод на Вселенската патријаршија од 9 мај се наведува дека „Црквата на Србија треба да ги регулира своите административни прашања со Црквата на Северна Македонија“, но и јасно се нагласува дека името на црквата се препознава како „Охридска архиепископија“, што значи дека се исклучени терминот „македонски“ и кој било друг дериват на зборот „Македонија“.

„Ортодокс Тајмс“ го наведува и писмото на претседателот на државата, Стево Пендаровски, упатено до вселенскиот патријарх Вартоломеј во кое тој му се заблагодарува за одлуката на Вселенската патријаршија.

„Во ова писмо, претседателот на Северна Македонија ја изразува својата надеж и очекување за конечно решавање на административниот статус на црквата на неговата земја во блиска иднина преку доделување на автокефален томос од страна на Вселенската патријаршија, нагласувајќи дека завршувањето на автокефалноста на црквата на Северна Македонија е врвен национален интерес“, пишува Ефтимиу.

Пишувањето на „Ортодокс тајмс“ ги потврдува дилемите и стравувањата што во текот на денот ги изнесоа домашни аналитичари и познавачи на состојбите во православите дека врачувањето томос од СПЦ за МПЦ-ОА може да биде доживеано како провокација за Вселенскиот патријарх и да го забави процесот до полно признавање на автокефалноста на Охридска архиепископија.

Случајно или не, истиот ден кога во Белград прими томос за автокефалност од СПЦ, архиепископот Стефан во интервју за грчкиот весник „То Вима“ изјави дека Охридската архиепископија ќе го почитува канонскиот поредок на православната црква и ќе бара томос за автокефалност од Вселенската патријаршија, затоа што таа е единствената црква што, според традициите и каноните, издава таков документ.

Владиката Тимотеј, кој е и портпарол на Синодот на МПЦ-ОА, во кратка изјава за ТВ Сител, рече дека чинот и документот од Белград се само почеток на тој процес.