Осака се повлече во знак на протест, па Синсинати ги одложи сите полуфиналиња

20

Јапонската тенисерка Наоми Осака реши да се повлече од полуфиналето на мастерс тенискиот турнир во Синсинати, САД, поради протест во знак на убиството на афро-американецот Џејкоб Блејк од страна на полицијата во Висконсин.

Една од најдобрите светски тенисерки требаше да игра дуел против Елис Бертенс, која без мака ќе обезбеди пласман во финалето.

„Здраво на сите. Како што знаете јас утре требаше да играм полуфинале. Меѓутоа, иако сум спортистка јас сум црна жена. Како црна жена мислам дека моментално има многу поважни работи на кои треба да им се посветиме, отколку некој да ме гледа мене како играм тенис. Не очекувам да се случи нешто драстично, бидејќи јас нема да играм, но ако започнам луѓето да зборуваат во доминантен бел спорт тогаш тоа е чекор во вистинската насока. Ми се лоши гледајќи го постојаниот геноцид кон црните луѓе од страна на полицијата. Изморена сум постојано да гледам нов хаштаг секој втор ден и заморно е да ги имаме истите разговори. Кога ќе заврши сите ова?“, напиша Осака на „Твитер“.

Организаторите на турнирот во Синсинати потоа решија да застанат зад протестот и решија да ги одложат сите полуфинални мечеви закажани за денеска во машка и женска конкуренција.

Натпреварите ќе продолжат утре, а во машките полуфиналиња ќе играат Новак Ѓоковиќ против Роберто Баутиста-Агут, а Милош Раониќ се среќава со Стефанос Циципас. Кај тенисерките Џоана Конта ќе игра против Викторија Азаренка.