Оскаровецот Ханс Цимер ќе ја компонира музиката за новиот Џејмс Бонд

7

Оскаровецот Ханс Цимер ќе ја компонира музиката за новиот филм за Џејмс Бонд, „Нема време за умирање“. Германскиот композитор, кој има еден „оскар“ и девет номинации за оваа награда, е најпознат по музиката за „Гладијатор“, „Пирати од Карибите“, „Кралот лав“.

Според „Варајети“, продуцентите одлучиле во последен момент, на три месеци пред премиерата, да го променат композиторот. Цимер има еден „оскар“ за „Кралот лав“ од 1994-та и уште девет номинации за „оскар“. Тој е еден од најбараните и најценети филмски композитори, а доаѓа на местото на Ден Ромер, кој си заминува поради креативни разлики со продуцентите. Ромер претходно има соработувано на проекти со режисерот на 25-от филм за Бонд, Кери Фукунага.

Меѓу филмовите на кои има работено Цимер се и „Кодот на Да Винчи“, „Зачеток“, „Интерстелар“, „Темниот витез“, „Данкирк“. „Нема време за умирање“ е во постпродукција во Лондон, а премиерата е најавена за 2 април во Велика Британија. Сѐ уште не е објавена насловната тема за новиот Бонд, кого за петти и последен пат ќе го игра Даниел Крег.

Цимер изминатиов период работеше на „Вондер вуман 1984“ и на продолжението на „Топ ган“.