Османи: Бугарија испратила изјава за јазикот уште во 2017 година, но никој не кажал

1

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, откри денес на прес конференцијата со португалскиот шеф на дипломатијата Гомес Кравињо дека Бугарија уште во 2017 година испратила унилатерална изјава за македонскиот јазик во ОН, но јавноста воопшто не била известена за тоа.

Иста изјава, како и актуелната што ја прикачи на одлуката за преговори на ЕУ со Македонија дала во 2018 година и во ЕУ, но според Османи ниту една од нив нема никакво правно значење и не влијае на статусот на јазикот, дотолку повеќе што Бугарија гласала за нашата Преговарачка рамка во која стои „македонски“ јазик.

-Унилатерална нота за македонскиот јазик со иста содржина Бугарија има испратено во 2017 година во Обединетите нации, веднаш штом се потпиша Преспанскиот договор и веднаш штом се впиша македонскиот јазик во картата на светските јазици, но за тоа не била известена јавноста кај нас.Сега се прави тоа и во ЕУ, каде што за првпат ја пратиле таа нота во 2018 година, но нема никакво правно значење бидејќи Софија гласаше за Преговарачката рамка во која нашиот јазик е чист“, изјави Османи.

Тој додаде дека нашата унилатерална изјава како дел од францускиот предлог се состоела од само две реченици, но во приложената сега се успеало да се даде опис на сите важни документи поврзани со јазикот.

Околу критиките дека текстот во изјавата бил јазично неписмен т.е. нелекториран, Османи рече дека тоа што го видела јавноста бил само превод на изјавата која, пак, била приложена во ЕУ во оригинал на англиски јазик. Тој исто така извести дека во нејзиното пишување биле консултирани лугле кои се занимаваа со оваа проблематика.