Османи за изјавата на Мицкоски: Нема нов договор со Бугарија, туку засилување на комуникацијата

42

Министерот за надворешни работи Бујар Османи преку социјалните мрежи ги демантира информациите што ги изнесе лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека Бугарија побарала нов договор и редефинирање на македонската нација.

„Околу односите со Бугарија и мојата посета, сакам да истакнам: нема нов договор, туку има засилување на меѓусебната комуникација на повеќе нивоа. Притоа, отворено разговараме за сите прашања што произлегуваат од Договорот за пријателство; ги преземаме сите чекори за да им обезбедиме на комисиите непречена работа, за што испративме јавна благодарност за нивниот досегашен резултат, како и охрабрување за интензивирање на нивната работа. Впрочем, Мешовитата експертска комисија веќе утре и задутре ќе одржи средба во Скопје, што ќе претставува уште еден чекор кон исполнување на обврските од Договорот“, пишува Османи.

Тој не го споменува директно Мицкоски, но во објавата повикува на сериозност и политичка зрелост и потенцира дека европската перспектива е предизвик за сите, не само за Владата.

„Односите со соседите не се регулираат со пласирање секојдневно информации во јавноста, а уште помалку шпекулации или тенденциозни изјави кои имаат за цел да ја вжештат атмосферата. Европската перспектива е предизвик за целата земја, а не само на Владата, и претставува обврска за секој од нас“, вели министерот.

Во истата објава, тој ја оценува неговата посета на Бугарија како позитивна бидејќи на неа се отвориле сите прашања и се засилила комуникацијата, а најважно, вели Османи, се редефинирала заедничката желба – европската перспектива на земјава.

 

Мицкоски, пак, синоќа во интервју на Канал 5 ТВ излезе со прашања дали за време на посетата на министерот за надворешни работи во Софија и неговата средба со бугарската колешка Екатерина Захариева било побарано редефинирање на македонската нација.

„Да го прашаме министерот за надворешни работи Бујар Османи, дали е точно дека барањето од страна на неговата колешка било практично да се потпише нов договор кој ќе биде сличен на Преспанскиот, со уставни измени, каде што ќе се дефинира постоењето на македонската нација и јазик од 1945 наваму, а пред 1945 дека сме биле нешто друго. Еве, да го прашаме, дали ова е точно и дали е ова услов за понатамошно продолжување на преговорите“,

рече Мицкоски во вечерашното интервју на Канал 5.