ОСМАНИ: ИМА ДОКУМЕНТ ЗА ДОГОВОР, СЕ ЧЕКА СОГЛАСНОСТ ОД СОФИЈА

6

Постои документ за договор, но се чека согласност од Бугарија, вели шефот на дипломатијата Османи. Документот е прифатлив за македонската влада, но не се откриваат повеќе детали, што содржи истиот и дали кочница за позитивна одлука во официјална Софија се владините партнери на премиерот Петков.

Османи денеска кажа различен став од шефицата на бугарската дипломатија Генчовска која порача дека нема напредок во политичките преговори. Според Османи напредок има и потребно е лидерство.

– Има еден таков документ којшто сме спремни да го прифатиме, меѓутоа сѐ додека не добиеме одговор дека е прифатлив и за Република Бугарија сметам дека не се созреани предусловите за да можам да ги информирам пратениците и јавноста. Тој може да биде одбиен и тогаш сето тоа би било непотребно. – изјави Бујар Османи МНР.

Иако засега нема најава дека може да се раздели пакетот Македонија – Албанија, според шефот на дипломатијата, ако не се постигне договор со Бугарија, прашањето за Албанија сама да ги стартува преговорите, ќе се отвори меѓу земјите членки на ЕУ по месец јуни.

Поддршка за старт на преговорите денеска пристигна од шефот на романската дипломатија Богдан Ауреску. За време на официјалната посета на Скопје – Ауреску порача дека проширувањето е безбедносен приоритет на ЕУ, а Романија не поддржува да се разделат Скопје и Тирана.

– Нема разговори за раздвојување на С. Македонија и Албанија. Не го поддржуваме тоа раздвојување. Важно е да се најде решение за што е можно побрзо да се започнат преговори со двете земји заедно. – изјави Богдан Ауреску МНР Романија.

Албанскиот државен врв изминатите недели интензивно испраќа пораки дека се изморени од бугарската блокада и по месец јуни ќе бараат сами без Скопје, да го продолжат патот кон ЕУ. Меѓу Македонија и Бугарија пак веќе две години се разменуваат десетици документи и идеи, но засега нема сигнали од Софија за отстранување на ветото.