Османи на средба со финскиот министер за надворешни работи: Членството на Финска во НАТО ја зајакнува Алијансата
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија и актуелен претседавач на ОБСЕ, Бујар Османи денеска на средбата во Брисел со шефот на финската дипломатија дека Хависто истакна дека членството на Финска е историски момент за Алијансата и вистински пат за заедничката поголема безбедност и сигурност.
-Членството на Финска во НАТО е важен чекор што ќе го зајакне единството и одбранбените способности на Алијансата, истакна Османи, кој со Хависто се сретна на маргините на Министерскиот состанок на НАТО во Брисел, на кој Финска и официјално стана 31-ва земја членка на Алијансата.
Османи упати честитка до Финска за нејзиното членство во НАТО, оценувајќи го како значаен влог за целокупната трансатлантска стабилност
-Северна Македонија три години ја уживаше привилегијата на статусот најмладата членка на НАТО. Сметам дека статусот на Финска на најмлада членка ќе трае многу пократко од нашиот. Очекувам да ѝ посакаме добредојде на Шведска во НАТО пред Самитот во Вилнус, рече Османи.
Покрај НАТО, во фокус на средбата со Хависто, како што соопшти МНР, биле и приоритетните прашања од работата на ОБСЕ за време на претседавањето на Северна Македонија со Организацијата во 2023 година.
На средбата било истакнато дека во оваа многу критична геополитичка ситуација и во овие времиња на големи предизвици, ОБСЕ е и треба да остане една од најзначајните меѓународни платформи за дијалог.
-Северна Македонија ја цени улогата и учеството на Финска во ОБСЕ Тројката, како и соработката која се остварува на сите нивоа за функционирањето на ОБСЕ, истакна Османи на средбата.
На средбата беше потенцирано дека за да се продлабочи соработката потребно е повторно да се воспостави целосно почитување на заеднички прифатените заложби и принципи од Хелсиншкиот финален акт и Париската повелба и тоа од секоја земја учесничка.
-Северна Македонија како претседавач со ОБСЕ тоа го застапува во секоја прилика како детерминиран и потврден поддржувач на одржување на меѓународен поредок заснован на правила, потенцираше Османи.
На маргините на Министерскиот состанок на НАТО, Османи остварил билатерални средби и со министрите за надворешни работи на Естонија и Романија, Урмас Реинсалу и Богдан Ауреску, како и со Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел.