Османи „ненајавено“ отпатува за Софија за да се сретне со Захариева

17

Министерот за надворешни работи Бујар Османи веќе е на пат кон Софија, каде што ќе има посебна средба со својата бугарска колешка Екатерина Захариева.

За ова информираа портпаролите на Владата на претпладневна прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање околу можниот термин за одржување на билатералната меѓувладина конференција.

„Централна точка на преговорите очекувано е да биде акцискиот план меѓу двете земји. Повеќе информации за разговорите и за идните чекори очекуваме по враќањето“, рече портпаролот Душко Арсовски и посочи дека усогласеноста на двата документа во еден акциски план е во финална фаза.

За посетата на Османи на Софија немаше досега официјална информација од МНР. Шефот на дипломатијата во изминатите неколку дена беше во официјална посета на Обединетите Арапски Емирати, по што отпатува за Париз на средба со советници на францускиот претседател Еманеул Макрон.

Захариева изјави за време на викендот дека Бугарија со месеци предлага да се одржи средба на меѓувладината комисија со Република Северна Македонија за да се направи сериозна анализа на ситуацијата.

Сепак, нејзината оценка за неусогласеност на С Македонија со заедничката надворешна политика на ЕУ предизвика реакција од претходниот министер за надворешни работи, сега вицепремиер за европски прашања Никола Димитров, кој посочи дека, според последниот извештај на ЕК, усогласеноста по таа основа е 92 проценти.

Специјалниот пратеник на Владата за Бугарија, Владо Бучковски, изјави за „360 степени“ дека С Македонија реално има шанси да го направи првиот пробив по изборите во Бугарија. Според него, тоа би било во мај или во јуни, а потоа, како што вели, се влегува во преткампања – кај нас се локалните избори, а во Бугарија следуваат и други избори, а тоа се претседателските.