Османи оптимист за почеток на преговорите со ЕУ, Германија се надева, а бугарскиот амбасадор песимист

46

Бугарија не може да ја промени својата позиција, вели бугарскиот амбасадор, германската амбасадорка смета дека е во интерес на проширувањето до крајот на годината да се случи првата меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ, а министерот Османи не изнесе детали од разговорите со двајцата амбасадори.

Бугарија не може да ја промени Декларацијата на својот парламент, но постои и одлука на владата, па поради тоа останува позицијата на Софија во однос на почетокот на преговорите на Македонија со Европската Унија.

Овој став бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов му го соопштил на македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи за време на утринскиот работен појадок кај Османи на кој присуствувала и германската амбасадорка Анке Холштајн во МНР.

„Бугарија има декларација на парламентот и одлука на владата. Дискусиите внатре во Европската унија се проблем на Унијата, тоа не е наш проблем”, им изјави Ангелов на новинарите по појадокот.

Запарашан дали е извесно бугарско вето за првата меѓувладина конференција до крајот на годинава доколку историчарите на двете земји во Мешовитата комисија не успеат да постигнат договор по отворените прашања, бугарскиот амбасадор го избегна прашањето посочувајќи дека денешната средба е фокусирана на Берлинскиот процес.

„Ние сега сме фокусирани да го завршиме Берлинскиот процес и да и покажеме на цела Европа дека можеме заеднички да завршиме нешто успешно“, вели бугарскиот амбасадор.

Германија сепак се надева дека е можно до крајот на годината да се одржи првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и нашата држава.

„Целта на германското претседателство е да се одржи првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Северна Македонија и тоа е битно прашање во однос на проширувањето на Унијата. Ќе направиме се што можеме за да овозможиме тоа да се случи. Во близок контакт сме со сите инволвирани. Има уште време да се стори нешто повеќе на тој план и ние сме оптимисти”, рече амбасадорката Холштајн.

Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи не сакаше да навлегува во детали за разговорите за време на средбата со амбасадорите. Вели дека сака да им се остави простор на работните групи да продолжат со разговорите. Тој рече дека Договорот за добрососедство со Бугарија е рамката за решавање на сите недоразбирања меѓу двете земи и дека прашањата треба да се отвораат, а не да се стават под тепих.

Османи нагласи дека Договорот не прејудицира дека ќе се најде заедничко решение за секое прашање, но сепак пристапот е да се разговара за сите дилеми.

„Јас сум оптимист. Сите сме свесни за влогот којшто го имаме во овој процес, за важноста на процесот и фактот дека стратешки приоритет за двете држави е регионот да се движи кон ЕУ”, рече Османи.

Во однос на изјавата на европратеникот Андреј Ковачев дека не е доволно земјава само да признае дека нема територијални претензии кон Бугарија и дека не е грев ако преговорите со ЕУ ги почнеме за шест месеци, Османи одговара дека смета оти не треба да се цензурираат изјавите на политичарите, носители на функции, туку е важно тоа што постои комуникација меѓу двете земји.

„Навистина сметам дека не треба да ги оптовариме односите со тоа што секој од нас ќе кажува во улога или согласно капацитетот на функцијата, што ја има. Сметам дека се отвора ново време на соработка и пријателство со Бугарија и оти постепено рецидивите од времето треба да ги надминеме, а европската соработка да ја имплементираме во нашите билатерални односи”, нагласи Османи.

Тој додаде дека Берлинскиот процес треба да се искористи за натамошно продлабочување на односите, но и улогата што двете земји како копретседавачи во моментов ја имаат во регионот. Шефот на дипломатијата нагласи дека Бугарија е сериозен спонзор на европсаката агенда на регионот, а Софискиот самит бил исклучително важен чекор во европската агенда на регионот.