Отказ на уредник е знак дека засилува нападот на Орбан врз медиумите

8

Сопственикот на водечкиот унгарски независен портал Индекс кажа дека го отпуштил главниот и одговорен уредник, еден месец откако уредникот предупреди дека независноста на тој медиум е загрозена од страна на владата.

Смената на Саболч Дул ги засили стравовите на унгарските новинари дека националистичката влада на премиерот Виктор Орбан го интензивира нападот врз слободата на медиумите во таа земја.

Порталот Индекс, кој го постави таканаречениот „барометар на независноста“ на степен „во опасност“ за да укаже на она што го смета за надворешни обиди да се влијае врз содржината, е најголемата медиумска организација која критички се однесува кон владата, наведува Ројтерс.

Вработените во порталот кажаа во соопштение дека отпуштањето на уредникот е „недозволиво“ и дека „не можат да го сметаат за ништо друго освен отворен обид за притисок, кој ќе доведе до крај на независното уредување“. Владата негира дека се меша во работата на медиумите но овој случај веројатно ќе предизвика нов случај меѓу Унгарија и Европската комисија. Еден висок функционер на Комисијата изрази загриженост за независноста на унгарски Индекс уште на 17 јули, кажувајќи дека тој медиум се бори за вредностите кои се „суштински за демократијата“, а Орбан и онака е во спор со Брисел и тоа на повеќе фронтови.

Комисијата го обвини Орбан дека го поткопува владеењеот на правото и почна законска процедура која би можела да доведе до финансиски санкции против Унгарија. Меѓутоа, на самитот кој заврши во вторникот, лидерите на ЕУ го одложија договорот за механизмот кој финансиската помош на членките на блокот би ја условил со владеењето на правото, што е компромис за кој аналитичарите сметаат дека ќе го охрабри Орбан.

Претседателот на фондацијата која е сопственик на издавачот на порталот Индекс, Ласло Бодолај, кажа дека Дул не бил во состојба да ги контролира внатрешните тензии кои избиле поради наводните обиди за влијание врз работата на редакцијата. Бодолај кажа дека тоа довело до несогласувања и пад на приходите бидејќи огласувачите се повлекле. „Политичката независност на Индекс не е загрозена“, кажа тој во писмо до вработените.

Дул кажа дека верува дека е отпуштен поради известувањата кои ги објавуваше на порталот за обидите за надворешно влијание. „И понатаму сметам дека стравувањата на вработените се оправдани и како главен уредник го правев она што должноста и совеста ми наложуваа“, кажа тој за Ројтерс.

Загриженоста за независноста на порталот се продлабочи откако провладиниот бизнисмен Мклош Васили стекна значителна контрола врз финансирањето на сајтот оваа година.

Ројтерс пишува дека Орбан користи правни инструменти, промена на сопственичката структура и влијае врз огласувачите за да создаде полојални медиуми. Неколку независни медиуми се затворени, а воведе и нови ограничувања на активноста на медиумите откако епидемијата на коронавирусот ја погоди Унгарија.

„Слободата на медиумите би можела да биде жртва на коронавирусот“, кажа Миклош Харгитај, претседател на Унгарското здружение на новинари.