Оштетените штедачи на Еуростандард банка со иницијатива до Уставен суд

23

До Уставен суд на РСМ е поднесена иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 163 став 3 од Законот за банки со којшто се дава предимство за целосна наплата од стечајна маса на банка од страна на Фондот за осигурување на депозити, соопштуваат оштетените штедачи на Еуростандард банка.

Според нив, со наведениот член од Законот за банки се прави нееднаквост и дискриминација на доверителите во стечајна постапка на банка, бидејќи врз основа на оваа одредба се фаворизира побарувањето на Фондот за осигурување на депозити наспроти сите други доверители. На овој начин, во исклучителна подредена позиција се доведуваат граѓаните – физички лица кои имаат депозити над износот на осигурување во Фондот (30.000 евра) и особено правните лица – депоненти за кои не постои никакво осигурување и обештетување при настанување на стечај на банка.

Оттаму велат дека имајќи ја во предвид актуелноста на прашањето за примена на Законот за банки во делот на водење на стечајни постапки преку примената на наведените одредби од законот во стечајната постапка на Еуростандард Банка, чија стечајна постапка е на самиот почеток, се бара од Уставниот суд на РСМ да изрече привремена мерка. Со носење на оваа привремена мерка се предлага да се запрат од извршување сите подзаконски акти, поединечни акти или дејствија што се превземени врз основа на наведениот член од Законот за банки до конечната одлука на Уставниот суд на РСМ.

Со оглед на итноста за решавање на прашањата поднесени по оваа иницијатива, Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард Банка се надева и очекува дека ќе ја слушне конечната одлука на Уставниот суд на РСМ во најскоро можно време.

Воедно, тие известуваат и дека не треба да се отстапува од барањето за целосно обештетување на нивните депозити од страна на државата преку носење на закон, уредба на Влада или некој друг правен механизам, за што ја продолжуваат борбата за вистина и правда до остварување на конечната цел.