ОЈО бара заканувачите со „убивање и глави во киселина“ од автобусот да одговараат за насилство

26

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против двајцата насилници за кои на почетокот на овој месец на социјалните мрежи се појави видео како во градски автобус малтретираат и им се закануваат на патници.

Како што соопшти ОЈО, двете момчиња на возраст од 31 година се товарат за кривично дело насилство од член 386 став 3, во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Обвинителството утврдило дека настанот се случил на 5 ноември лани, околу 17:30 часот, во автобус на ЈСП Скопје број 7.

Според обвинението, тие грубо ги навредиле и ја загрозиле сигурноста на оштетениот возач и на патниците во автобусот.

Истрагата за настанот покажала дека тие влегле во автобусот кај автобуската станица „Рекорд“ без да носат заштитни маски, на што реагирале патниците. Тогаш, како што можеше да се види и на видеото, тие почнуваат да ги навредуваат и да им се закануваат на патниците со зборовите дека ќе ги убијат и ќе ги стават во киселина.

На нивните закани бил изложен и возачот од кого барале да запре автобусот и да ја отвори вратата за да излезат пред автобуската постојка. Откако тој не го сторил тоа, тие не само што го навредувале и му се заканувале туку и удирале по внатрешноста на автобусот.

Од ОЈО сметаат дека со ваквото однесување обвинетите предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв кај оштетениот возач и патниците на автобусот.

Откако видеото се појави на социјалните мрежи, еден од нив беше приведен во полициска станица.