ОЈО бара раздвоена постапка за Трајковски во ТНТ за побрза пресуда за Јанакиески и Груевски

8

И на денешното судење за ТНТ, односно за уривањето на Космос, не дојде второобвинетиот Тони Трајковски. Адвокатот на ексградоначалникот на Гази Баба пред судот рече дека Трајковски е хоспитализиран на Клиниката за неврохирургија. Неговата здравствена состојба и денеска е лоша, Трајковски тешко комуницирал, тврди адвокатот Јовица Страшевски.

Поради здравствената состојба на Трајковски побара да се раздвои постапката против него и членовите на комисијата, што би значело овој судски процес да финишира само со обвинетите Миле Јанакиески и Никола Груевски на кој му се суди во отстство.

“Со раздвојување на постапката сметам дека судот ќе функционира економично, во спротивно сметам дека постапката ќе се одолговлекува. Тони Трајковски и членовите на комисијата истите се јавуваат како заеднички ги сториле повредите од законот за јавна набавка”, рече обвинителот Рустеми.

Адвокатот Дончо Наков рече дека постапката не може да се раздвои поради поврзаноста на обвинетите во постапката.

“Ако се раздвојува предметот јас како бранителот на обвинетата Елизабета Најдовска ќе треба да предложам предметот да се раздвои и за неа”, рече адвокатот Мерџан Даути.

Судечкиот совет ќе одлучи дали да ја раздвои постапката.

Адвокатите во судница реагираа и за мандатот на судијката поротничка на која денеска и истекува мандатот.

Бранителот Даути побара и да се смени составот на судечкиот совет. Адвокатот Еленко Миланов, пак, се обрати до поротничката за да и каже дека мандатот и завршил на полноќ. Судијата Огнен Ставрев го предупреди да му се обрати на него бидејќи тој е претседател на судечкиот совет за ТНТ.

“Овој судечки состав е со истечен мандат”, вели Миланов.

Возврати Обвинителот Бурим Рустеми кој смета дека Судскиот совет треба да и го одземе мандатот.

“Мора да ја чекаме одлуката на телото кое именува и разрешува судии. Само со одлука на Судскиот совет е завршен мандатот на поротничката”, рече Рустеми.