Пандемијата ја турна економијата во длабока рецесија – БДП во вториот квартал 12,7 отсто

13

Затварањето на економијата и ограниченото движење поради ширењето на коронавирусот ковид-19 ја предизвика најдлабоката рецесија на македонската економија…

Корона кризата поразителна и за економијата потврди статистика. Земјава бележи историски пад на БДП од 12,7% во вториот квартал годинава. Пад каков што не е забележан досега во ниедна криза, освен воената во 2001. Удар од кризата има во сите сектори, најголем е во преработувачката индустрија, трговијата и транспортот – речиси 30%. Извозот се намалил за 32, а увозот за 30,2 отсто.

За премиерот бројките се очекувани и се во рамките на владините проекции.

„Проекциите кои што ги очекувавме да бидат до минус 4%, сегашните проекции за првиот и за вториот квартал ги даваат условите, за да завршиме согласно проектираните проекции кои што ги имаме за крајот на годината. / Нашата економија 60% е поврзана со европската и голем дел од работите не зависат од нас. Видете ја германската економија, таа паѓа многу повеќе од нас. Другите земји со кои што сме трговски поврзани исто така паѓаат, имаме раст на неколку гранки, како што е земјоделието и неколку други дејности што кажува дека домашниот перформанс е добар.“истакна Зоран Заев, претседател на Влада

Преку четврт пакет мерки, законски измени државата ќе се труди да ја стабилизира економијата, уверува премиерот Заев. Тој со целиот економски тим оствари средба со ССМ, со цел да ги чуе нивните барања и предлози како да се помогнат работниците. Најголем фокус на средбата беа измените во законот за работни односи, како и најавените измени во законот за пензионирање. ССМ со низа барања…

„Старосна пензија по работен стаж, 35 години за жени без оглед на нивната возраст и 40 за мажи, старосна пензија по возраст, или работен стаж по дејност, не е фер текстилната работничка и вработен во администрација да одат под исти услови во пензија.“истакна Дарко Димовски, претседател на ССМ

Премиерот Заев вети соработка со ССМ. Владата засега останува на најавите за реформа од Нова година, со која ќе се овозможи предвремено пензионирање. Допрва ќе се одлучува кои категории граѓани и струки ќе може самите да си го докупат стажот, односно ќе имаат можност во пензија да одат на 57, односно 59 години.