Пари кон МПЦ и ИВЗ, ама не биле под закана дадени

Има специфичен начин на комуникација и поради тоа неговото излагање со лош превод е прогласено за закана, вака од прес-службата на ИВЗ ја оправдуваат изјавата на реисот Сулејман Реџепи дека мора да добијат финансиска помош од владата, затоа што ИВЗ се одлучило да ги спроведе мерките и да ги затвори џамиите во време на пандемијата и на рамазанските празници.

14

Мерките се почитуваат, нема собири, ИВЗ даде донација во маски на повеќе болници како и хуманитрани пакети на сиромашни верници, тврдат од заедницата за Телма. Нивниот проблем бил што месецот на рамазан добивале донации од верниците за цела година и сега не може да го добијат планираното, па поради тоа побарале помош од владата за минимални плати за оџите и за вработените.

Од МПЦ велат дека се слушнале со претставници на владата за сличните проблеми во месецот кога се слави Велигден – но како што тврди владиката Тимотеј нема никогаш да се користи уцена како средство. И додека социјалните мрежи се полни со осудувачки коментари за финансиските барања на религиските заедници, во живо граѓаните имаат разбирање за барањето за парична помош, но го осудија начинот на кој поглаварот на ИВЗ го бара.

Во антикорупциската комисија по новата изјава која ја разбранува јавноста, соопштија дека не го заборавиле реисот во постапка кај нив.

Соопштение на ДКСК: ДКСК информира дека продолжува по нејзиното постапување по предмет оформен по пријава со наводни сомневања за незаконски постапувања на Поглаварот на Исламската Верска Заедница.

За каква постапка и за какви сомнежи станува збор антикорупционерите не даваат детали. По изјавата на реисот, обвинителството соопшти дека го следи однесувањето на поглаварот на ИВЗ дали ќе повика на укинување забраната за молитви во џамиите. И додека трае препирката, владата пред два дена донела одлука за квартална помош на Православниот Богословски факултет Свети Климент Охридски и на факултетот за исламски науки. Богословијата доби околу 72 илјади евра, а факултетот во Кондово окоу 50 илјади евра.

Намената е за реализирање на студиските програми за 2020 година. Јавноста ова го протолкува како попуштање пред верската закана од ИВЗ, додека владата негира и соопшти дека одлуката за финансиска помош на факултетите е донесена на 16-ти февруари и се дава секоја година по закон од 2008-ма.