Пахор: Ја контролираме епидемијата, се согласувам да испратиме војска на границата со Хрватска

7

Словенечкиот претседател Борут Пахор изјави дека се согласил да се испрати војска на јужната граница поради опасност од илегална миграција, но дури откако ќе се обезбеди двотретинско мнозинство во парламентот.

Во интервју за Словенечката телевизија, Пахор рече дека се согласил да се активира членот 37 од Законот за одбрана, кој беше донесен во моментот на масовната мигрантска криза и кој ѝ дозволува на војската да добие полициски овластувања за да ја чува границата, но дури откако владата ќе обезбеди согласност од пратениците во парламентот.

„Многу е важно, и покрај вонредните околности, да одржуваме чувство за демократија и почитување на демократските стандарди, бидејќи тие не можат да се укинат во оваа ситуација“, рече Пахор, додавајќи дека различните мислења за активирањето на војската се легитимни и дека повеќето во парламентот треба со аргументи да се убедат дека тој потег е неопходен.

Пахор верува дека Словенија ја контролира епидемијата на коронавирус. Денес тој ќе разговара за ова и за другите прашања поврзани со епидемијата со премиерот Јанез Јанша и претседателите на парламентот и Државниот совет, а во интервју за РТВ рече дека е убеден дека Словенија и владата добро се справуваат со епидемијата и нејзините економски последици.

„Навремено, воведовме радикални, можеби и прекумерни ограничувања за да ја намалиме кривата на раст на заразените и заболените. Иако не знаеме кога епидемијата ќе го достигне врвот, мислам дека со претпазлив оптимизам можеме да заклучиме дека Словенија денес ја контролира ситуацијата“, заклучи Пахор.