Пендаровски: Без доверба во институциите ја ризикуваме и националната безбедност

19

Претседателот Стево Пендаровски во обраќањето по повод Денот на Армијата денеска истакна дека полноправното членство во НАТО е историско постигнување и дека тоа би било невозможно без напорите и на Армијата.

„Немаше да биде возможно без напорите и професионалниот однос на сите припадници на Армијата, без луѓето кои секогаш се движечката, главната сила на интегративниот процес. Нашето члентво е резултат на темелните одбранбени реформи, личната посветеност на храбрите мажи и жени во нашите вооружени сили и нивното учество во мировните мисии во светот. Во остварувањето на нашата стратешка цел, секогаш ја имавме и конзистентната поддршка од државите – членки. Меѓу нив, посебно место има поддршката од Соединетите Американски Држави, од нашата независност до денес“,

кажа претседателот.
Шефот на државата посочи дека членството во НАТО е привилегија, но и обврска.

„Основната причина зошто сакаме да бидеме дел од ЕУ и НАТО е заради темелните вредности на овие две заедници. Таму клучната вредност е владеењето на правото и функционалната правната држава, како основен услов за економски и социјален развој. Огранизираниот криминал и високата корупција кои за жал се дел од нашето секојдневие, ја нарушуваат довербата на граѓаните во институции и надежта за пристоен живот. Најважна обврска на нашата политичка генерација е воспоставување систем за ефикасно справување со криминалот и корупцијата. Длабоко сум убеден дека нашето политичко наследство ќе зависи најмногу од успехот во остварувањето на оваа задача“, рече Пендаровски.

Претседателот порача дека ако не се сите еднакви пред законот и ако политичката власт се користи за личното, а не за јавното добро, таквата држава нема перспектива.

„Без доверба во институциите ја ризикуваме и нашата национална безбедност. Ниската репутација и разочараноста на граѓаните од политиката и од нас политичарите, креираат идеален амбиент за новите начини на поткопување на стабилноста и безбедноста како што се хибридните закани. Најдобриот начин за борба против дезинформациите, лажните вести и останатите хибридни закани е токму високата доверба на граѓаните во демократските институции, а таа доверба се заслужува само преку одговорна политика и бескомпримисна борба со оние кои ги кршат законите, независно од нивната функција и моќ“, вели Пендаровски.

Шефот на државата очекува новата влада и парламентот да ја остварат зацртаната цел за инвестирање во модернизација и развој на Армијата.