Пендаровски: Без инвестирање во човечкиот капитал, економскиот развој не може да биде одржлив

9

Без солидна и континуирана инвестиција во човечкиот капитал, економскиот развој не може да биде одржлив, порача денес претседателот Стево Пендаровски на вториот ден од Меѓународниот економско финаниски форум што се одржува во Скопје.

Тој нагласи дека за таа цел предуслов е да се даде поддршка на младите кои се образуваат и создаваат во земјава.

„Тие се иднината на нашето општество и институциите треба да сторат се да ги поддржат во нивните идеи и нивните размислувања, рече Пендаровски.

Притоа додаде дека соодветната едукација е фундаментот за развивање на човечкиот капитал, како и дека општеството е должно да го развие потенцијалот на младите и да вложува во нивните идеи.

„Верувам дека токму во постковид периодот ќе имаме сет на политички и економски мерки кои ќе поттикнат продукција на нови свежи концепти на тој план“, рече Пендаровски.

Обраќајки се пред присутните на конференцијата, тој рече дека економското закрепнување и растот по ковид е тема за која се дебатира интензивно и темелно во целиот свет. Притоа, додаде, најважно е сите дискусии да бидат водени врз база на реални податоци со цел креаторите на економските политики да предложат решенија кои ќе овозможат граѓаните што побезболно да транзитираат кон излез од оваа криза.

„За жал, очигледно е дека во овој момент не можеме да дадеме соодветна проценка уште колку ќе трае оваа состојба и какви ќе бидат економските консеквенци на крајот.
И најсилните светски економии забележаа огромни падови на своите бруто национални производи, берзански шокови и загуби во речиси сите индустриски гранки. Сите земји во светот соочувајќи се со пандемијата се борат и да го заштитат здравјето на своите граѓани, но и да ги неутрализираат штетните економски последици. За разлика од лани општата економска прогноза е подобрена иако закрепнувањето според очекувањата се одвива бавно“, рече Пендаровски.
Тој додаде дека македонската економија не е исклучок од светските трендови, како и дека при носење на мерките примарна цел беше да се минимизираат загубите во економијата и да им се помогне на најзагрозените сектори колку што беше возможно во тие услови. Во тој контекст компаниите се бореа да продолжат со својата дејност, а притоа да ги зачуваат вработените и да го задржат квалитетот на производите и услугите.
„Јасно е дека загубите се огромни и ќе треба време за опоравување на македонското стопанство кое и пред пандемијата не беше во завидна состојба. Но, она што е значајно, е дека веќе имаме доволно информации и анализи кои одлуки биле погрешни и не треба да се повторуваат, а кои продуцирале позитивни ефекти“, рече претседателот на државата.
Тој се осврна и на членството во НАТО кое се реализираше пред самиот почеток на пандемијата, што освен безбедносната компонента на среден и на долг рок се очекува да резултира и со поголема економска стабилност и предвидливост, зголемена доверба од меѓународните партнери и отворање нови перспективи во инвестициската сфера.

„За жал изминатата година се случи и застој во нашата европска интеграција предизвикана од блокада чии аргументи се во спротивност со вредностите што ги претставува Европската унија како концепт. Сепак, ќе повторам и денес дека патот кон полноправно членство во ЕУ е приоритет затоа што за европските вредности и за принципите на кои почива заедничкиот европски пазар за нас не постои подобра алтернатива, рече Пендаровски.
Тој исто така се осврна и на влијанието што пандемијата на ковид – 19, освен врз економијата, ги имаше и врз политичката стабилност и довербата во институциите, ставајќи ги на тест управувањето и владеењето на правото кои беа соочени со предизвици без преседан.

„Притоа беше разнишан и авторитетот и на меѓународните организации. Во прашање беше доведена и солидарноста на побогатите кон посиромашните“, рече Пендаровски нагласувајќи дека пандемијата покажа дека во вакви услови е потребна поголема солидарност и заедничко делување на глобален план, како и дека имунизацијата е клучниот фактор за излез од кризата.