Пендаровски очекува новата влада целосно да ја спроведе ЕУ-агендата во клучните области

20

Претседателот Стево Пендаровски очекува новата влада целосно да ја спроведе ЕУ-агендата во клучните области, како и дека оваа есен ќе се постигне напредок во процесот на пристапување кон Унијата.

„Основниот предуслов за успех е да се соберат највештите личности, без оглед на нивната политичка или етничка припадност. Очекувам да видам луѓе со силни проевропски и демократски капацитети, со чисти антикорупциски записи“,порачал Пендаровски.

Очекувањата тој ги кажал во неговото обраќање на онлајн-семинар на тема „Геополитичките проблеми на Западен Балкан среде корона-криза; Евроатлантска перспектива“, кој го организирала Алумни-асоцијацијата „Маршал центар на Република Северна Македонија“, во партнерство со „Маршал центарот“ од Гармиш и Секторот за јавна дипломатија на НАТО.

Тој зборувал дека пандемијата го промени целиот свет и предизвика негативен ефект, а била притисок и за нашето здравство, но, според него, ние успеавме да избегнеме колапс на националниот систем.

Претседателот го споменал и зачленувањето во НАТО во март годинава што ни овозможило да се подготвиме и подобро да се справуваме со дезинформациите и хибридните кампања поврзани со ковид-19.

„Тоа ни овозможи да ги искористиме механизмите за координација на НАТО и официјалните билатерални врски со другите земји-членки, со цел подобро да се подготвиме за кампањата на дезинформации која беше засилена кога влегувавме во предизборниот период“, рекол Пендаровски.