Пендаровски смета дека Џафери требаше да го викне и Мицкоски на вчерашното годишно обраќање

6

Протоколот не го предвидува тоа, велат од кабинетот на претседателот на Собранието за непоканувањето на Христијан Мицкоски, претседателот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ на вчерашното прво годишно обраќање претседателот на државата Стево Пендаровски. Од кабинетот на претседателот на државата, пак, велат – и покрај сѐ, сметаме дека и на инаугурацијата и вчера требаше да присуствува лидерот на опозицијата.

Вчера Мицкоски на новинарско прашање за неговото неприсуство на годишното обраќање на Пендаровски изјави дека непоканет не оди никаде.

„Не бев поканет ниту на инаугурацијата, а не бев поканет ниту на ова годишно обраќање на господинот Пендаровски. Првиот пат беше протоколот грешка, а сега ќе слушнеме претпоставувам нешто слично без да има никаква одговорност. Не бев поканет и затоа не присуствував на обраќањето на господинот Пендаровски“, одговори Мицкоски.

И во мај, на инаугурацијата на новоизбраниот претседател Стево Пендаровски, лидерот на опозицијата не беше поканет. И тогаш, и сега од кабинетот на претседателот на Собранието велат дека протоколот не го предвидувал тоа.