ПЕПЛОСАНИ КРЕВЕТИ, ПОЦРНЕТИ ЅИДОВИ, УНИШТЕНИ БАРАКИ: Како изгледа болницата во Тетово неколку часа по пожарот? (ФОТО)

260

Пеплосани болнички кревети, поцрнети ѕидови, уништени бараки, оштетени автомобили. Ваква е сликата утрово на местото на трагичниот настан во модуларната болница во Тетово, објави ТВ21.

Таму беа присутни лица кои вршат увид на местото на несреќата и ги бараат причините за пожарот, а јавни обвинители ги сослушуваа вработените во модуларната болница.

Од Јавното обвинителство соопштија дека досега се потврдени 14 починати лица во пожарот, а се испитува дали има и други жртви.

Фото: Принтскрин/видео/ТВ21

„За некои од починатите ќе биде потребна ДНК анализа за да се утврди нивниот идентитет. Според првичните сознанија, меѓу починатите нема медицински персонал“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

До раните утрински часови, обвинителите сослушаа вработени во модуларната болница со цел да се утврдат причините за пожарот.

„Во исто време, издадена е наредба за обезбедување на снимките од видео надзорот во и околу објектот. Увидот ќе продолжи и во текот на денешниот ден, а јавните обвинители заедно со експертите на МВР, ќе ги обезбедат доказите за целосно расчистување на трагичниот настан“, додаваат од ОЈО.

Фото: Принтскрин/видео/ТВ21