Петков за посетата кај Макрон: Не можам ништо да потврдам освен дека дипломатите работат, а на крајот одлуката ќе ја донесе Собранието

1

Во моментов знам дека се работи многу на ниво на МНР за да видиме какви се сите можности за напредок на темата Северна Македонија. Но пред тоа, на чисто професионално ниво меѓу дипломатите за да се стигне до некаква општа идеја како да се оди напред. Не можеме да потврдиме ништо во однос на чекорите. Но она што го потврдувам за да се избегнат секакви злоупотреби, пред што и да се направи, независно што ќе се договорат дипломатите, ќе оди низ Собранието и Собранието е последната инстанца и нема да има ништо тајно или скриено пред бугарскиот народ.

Вака одговори бугарскиот премиер Кирил Петков, на прашањето дали се подготвува негова посета на Франција, на чија покана, на која тема, со кого е поканет, дали е поврзана на пример со претстојното завршување на франуцското претседателство со ЕУ.

„Не можам да потврдам поединечни покани за да видиме до каде ќе стигнеме. Знам дека се работи многу. Тоа навистина е во рацете на дипломатите“,додаде Петков.

Понатаму тој вели и дека тоа што ќе се случи со Северна Македонија зависи и од Европа – до кој степен би ги прифатила како услови кои се многу важни за Бугарија.

„Затоа велам дека сега е кај диломатите, потоа следат политичарите и на крај Собранието кое треба да ја донесе тешката одлука“ , вели Петков.

Прашањето е во контекст на објавениот текст на БГНЕС дека премиерот Петков и претседателот Румен Радев ќе заминат во Франција, каде што со францускиот претседател ќе разговараат за суштината на предлогот за укинување на ветото за членство во ЕУ на Северна Македонија.

Во Париз се очекува Радев и Петков да го одобрат предлогот на Емануел Макрон за укинување на ветото за преговорите за членство на РС Македонија во ЕУ, објавува денеска БГНЕС повикувајќи се на информации од неименувани учесници на последниот коалициски совет што се одржа во петокот вечерта на 27 мај.

Од бугарската новинска агенција тврдат дека нивните извори се од различни политички формации и секој поединечно ја потврдил информацијата што ја пренесуваат во денешниот текст во кој се образложува и можното сценарио за укинување на ветото за РСМ.