Петков најави заедничко чествување за Гоце Делчев на 4 февруари

7

Бугарскиот премиер Кирил Петков денеска пред народното собрание реферира за средбите со македонската влада што ги имаше во Скопје и во Софија и порача дека фактот што премиерот Димитар Ковачевски од 8 дена на функцијата 4 ги поминал со бугарската Влада покажува дека има желба да се затвори прашањето со Софија.

„Со министрите кои дојдоа во Бугарија во огромен број потпишавме три меморандуми од клучни сфери, вклучително и за Коридорот 8. Тој отпадна од европските проекти и ако сакаме да го вратиме, тоа може да се случи само со заедничка работа“, рече Петков, одговарајќи на прашања од пратениците.

Освен за еконосмките прашања и за инфраструктурата, изјави дека разговарале и за прашања што се важни за Бугарија, односно за правата на Бугарите во Македонија и за рамковната позиција.

„Ковачевски рече дека не гледа проблем за внесување на Бугарите во Уставот, но не се обврза со временски рок. Бугарите ќе влезат во уставот како Албанците. Во моментот рокот за тоа е дел од дискусиите. Тоа ќе биде факт и Бугарите во РСМ ќе имаат еднакви права“, кажа Петков.

На забелешката дека имало многу изјави од двете страни додаде дека вистинската работа не била завршена. Направен е план за средби на секои 7 дена, а како што вели, дури и од Историската комисија потврдиле дека во наредните месеци ќе имаат три средби.

„Историската комисија веќе има подготвено некои текстови. Решивме да видиме кои се точките и аргументите за кои веќе има согласност. Ве уверувам дека нема да го смениме составот зашто луѓето добро си ја вршат работата. Има напредок во Историската комисија, ќе го искористиме и ќе го официјализираме“, вели петков.

Тој исто така најави дека со Македонија се подготвуваат за заедничко чествување на Гоце Делчев на 4 февруари по повод 150 години од неговото раѓање.

Според него, „партнерите не ги разбираат кога станува збор за обострано прашање.

„Поради тоа Бугарија реши да се заложи за разбирање на принципите како дискриминацијата на македонските граѓани со бугарска самосвест и јазикот на омраза кон Бугарија. Видовме дека кога станува збор за тоа, Европејците почнаа да нѐ разбираат. Стоиме на тоа дека овие општи принципи треба да важат за сите, вклучително и за државите кои сакаат да станат членки на Унијата. Да ја тргнеме дискриминацијата како европски принцип кон Бугарите во РСМ“, рече Петков.

Бугарската Влада, според него, не би ја отворила вратата за темата за македонско малцинство, па тој вели дека дури не би ја ни коментирал и вети дека нема д аподлегне на провокации. ОМО „Илинден“, како што рече, е провокација кон македонскиот премиер Димитар Ковачевски.

„Најдоброто за Бугарија е да имаме добрососедство, отворени граници, РС Македонија да е демократска држава, да ја отстрани корупцијата и да има пристап до европските фондови и Бугарите таму да бидат заштитени. Тоа е долгорочна стратегија за која се борам, но се согласувам, тоа не треба да биде на сметка на бугарските интереси“, изјави Петков.

Како долгорочна гаранција за добрососедството ги наведе економските врски и говореше за железницата и за авионската врска, додавајќи дека Европската комисија е подготвена да го поддржи проектот за железницата бидејќи е стратешка.