Пленковиќ: Црна Гора бележи најголем напредок кон ЕУ

3

Црна Гора постигна најголем напредок во процесот на пристапување во Европската унија и Хрватска ќе продолжи да ја поддржува на тој пат, изјави хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ по разговорот со неговиот црногорски колега Дритан Абазовиќ, додавајќи дека двете земји работат на зајакнување на економската соработка и решавањето на преостанатите билатерални прашања.

Црногорскиот премиер Абазовиќ по два и пол месеци на функцијата денеска допатува во официјална посета на Загреб. Поканата за посета на Хрватска на Абазовиќ му ја испратил Пленковиќ на 30 април, кога му испратил честитка по повод преземањето на премиерската функција.

„Тие преговараат 10 години. Црна Гора е земја која ги отвори сите 35 поглавја во кои е структурирано правото на ЕУ. Ние сме во фаза кога сакаме да се придвижи кон исполнување на критериумите за затворање на тие поглавја што е можно поефикасно“, рече Пленковиќ на прес-конференцијата.

Според него, „Црна Гора е најнапредна во овој процес“. „Мислам дека со добра динамика и политичка поддршка и решавање на одредени претходни политички прашања и критериуми, особено формирањето и пополнувањето на Уставниот суд, таа тогаш би можела без поголеми проблеми да ја забрза својата динамика. Ние секако ќе ја поддржиме во тоа“, рече Пленковиќ.

Шефот на хрватската влада потсети и дека двете земји во последните години работат на зајакнување на економската соработка. „Разговаравме и за тоа како Хрватска и Црна Гора ја зголемија трговската размена во изминатите неколку години, моментално на 236 милиони евра, што е одлично, зголемување за околу 100 милиони“, рече Пленковиќ.