Победа за Трамп: Ејми Кони Берет избрана за судијка на Врховниот суд

9

Сенатот на САД, длабоко поделен по партиска линија, ја потврди Ејми Кони Берет за судија на Врховниот суд со 52 гласа за и 48 против.

Берет е трет судија во деветчлениот суд номиниран од претседателот Доналд Трамп и значително ја поместува идеолошката рамнотежа кон конзервативното мнозинство на тоа тело од 6 спрема 3, пренесува Гласот на Америка.

Републиканската сенаторка Сузан Колинс од Мејн беше единствената што им се придружи на сите демократи во Сенатот гласајќи против номинацијата на судијката Берет.

Колинс рече дека не може да гласа за потврда на Берет, со оглед на тоа колку се блиску следните претседателски избори.

Во изминатите 150 години ниеден друг судија на Врховниот суд не е потврден без да добие ниту еден глас од малцинската партија, според Асошиејтед прес.

Кандидатката на Трамп, која го пополни испразнетото место со смртта на либералната икона Рут Бејдер Гинзберг, потенцијално отвора нова ера на пресуди за абортусот, Обамакер, па дури и за изборите.

По потврдата во Сенатот, Берет положи заклетва пред судијата на Врховниот суд Кларенс Томас на церемонија во Белата куќа.

„Ова е ден од големо значење за Америка“, рече Трамп на церемонијата на заклетва, на која присуствуваа околу 200 гости.

Берет ќе може да учествува во работата на судот откако денеска во судот ќе ја положи и правната заклетва пред претседавачкиот судија Џон Робертс.

Таа им рече на насобраните дека преку „ригорозниот процес на потврда“ открила дека „работата на судијата е да им се спротивстави на своите политички преференции“.

Таа вети дека ќе ја врши работата „без страв и без пристрасност“.

Церемонијата на положување заклетва во Белата куќа се одржа еден месец по еден сличен настан, на кој Трамп официјално ја прогласи судијката Берет за свој кандидат за Врховниот суд.

Се верува дека неколку функционери на тој собир биле заразени со ковид-19, а неколку дена подоцна, самиот претседател Трамп се зарази со коронавирусот.

Лидерот на демократското малцинство во Сенатот, Чак Шумер, оцени дека републиканското мнозинство „го уништило својот кредибилитет“ гласајќи толку блиску до денот на изборите, откако со месеци го блокираше кандидатот на демократскиот претседател Барак Обама во изборната 2016 година.

Демократите тврдеа дека одлуката за новиот судија на Врховниот суд треба да му биде оставена на кандидатот што ќе победи на претседателските избори на 3 ноември, што е позиција што ја зазедоа републиканците кога празното место во судот беше во почетокот на 2016 година, која беше изборна година.

Републиканците во Сенатот тогаш одбија да ја разгледаат номинацијата на судијата Мерик Гарланд, кога претседателот Барак Обама го предложи за судија на Врховниот суд.

„Сенатот ја прави вистинската работа“, рече во неделата лидерот на мнозинството во Сенатот, Мич Меконел, додека сенаторката од Масачусетс, Елизабет Ворен, демократка, го нарече гласањето „нелегитимно“ и „последен грч на една очајна партија“.