Повеќе од 1.000 починати од коронавирусот, првпат во еден ден починале над 100 луѓе

7

Неколкумина високи функционери во кинеската провинција Хубеи се сменети откако бројката на смртни случаи од коронавирусот надмина 1.000. Меѓу стотици разрешени поради лошото справување со појавата на новиот вирус се и челниците на Здравствената комисија на Хубеи.

Само вчера во Хубеи починале 103 луѓе, што е рекорд за еден ден, додека вкупната бројка на починати порасна на 1.016. Сепак, бројката на новозаразени паднала за 20% во споредба со претходниот ден.

Во Кина има повеќе од 42.000 заразени, што е најголемата здравствена криза во земјата од епидемијата на САРС во 2002/03. Од тоа, над 31.000 се во Хубеи, каде што починале 974 луѓе.

Носејќи заштитна маска, кинескиот лидер Шји Џинпинг посети здравствен центар во Пекинг и изјави дека земјата ќе ја добие војната против болеста.

Водечкиот епидемиолог на Хонгконг Габриел Леунг предупреди дека епидемија на коронавирусот би можела да зафати две третини од светската популација. Ова уследи откако Светската здравствена организација соопшти дека неколкумина заразени никогаш не биле во Кина.

„Голем број експерти сметаат дека едно заразено лице може да го пренесе вирусот на 2,5 милиони луѓе. Тоа значи дека тој би можел да нападне и 60% од светската популација. Дури и ако смртноста биде 1%, тоа е сепак огромна бројка на мртви“, вели Леунг.