Подготвени сме за коронавирусот, нема потреба од паника

16

„Треба да бидеме будни, но нема потреба од дигање паника“, рече денеска Жихан Тавила, претседателка на Канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО) во Скопје, откако СЗО прогласи јавно-здравствена состојба од меѓународен ризик за коронавирусот. Откако се појави на крајот на декември во Кина, од новиот вирус починаа 213 лица, а 140 има заразени во други земји.

Тавила кажа дека од средбата со Министерството за здравство, заклучокот е дека земјата и здравствените интситуции имаат капацитет да се справат со брза детекција и да се спречи ширењето на вирусот.

„Ова е нов вирус и секојдневно се менуваат сознанијата. Ништо не е фиксно и секој ден учиме по нешто ново. СЗО е целосно подготвено да помогне за сè што треба. Населението треба да практикува респираторна хигиена и доколку не се чувствуваат добро, кашлаат или киваат, да се консултираат со доктор. Миењето раце е прва хигиенска мерка“, рече Тавила.

Министерсот за здравство Венко Филипче рече дека по состанокот на Тавила и Комисијата за заразни болести, ќе следат мерки според меѓународниот здравствен правилник.

„Денеска направивме припрема за нешто за што сè уште немаме видлив и сериозен ризик дека може да се случи кај нас, а тоа се голем број на заболени од коронавирусот, но го спремивме целокупниот здравствен систем, кадарот, во однос на инфраструктурата, во однос на опремата, во однос на точно одредување на места на кои евентуално би имало потреба да ги хоспитализираат пациентите. Сакам да кажам дека сме чекор или два напред и дека сме целосно подготвени да се справиме со овој предизвик, иако ќе повторам далеку сме од тој ризик. Сè уште важат истите мерки, на аеродромот е поставена термалната камера за патниците за Истанбул и Дубаи, ако има потреба ќе се постави и на Охридскиот аеродром, и ќе се испрати информативен материјал до полициските станици и до царината на сите гранични премини. Доколку има високо сомнителен случај ќе се консултира Центарот за јавно здравје“, рече Филипче.