Поевтинува дизелот, цената на другите горива останува иста

2

Малопродажната цена на дизел горивото ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) од ноќеска на полноќ се намалува за два денари за литар, а цените на другите горива остануваат исти, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ). Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,46 отсто.

Новата малопродажна цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) ќе изнесува 84,5 денари за литар. Цената на ЕУРОСУПЕР БС – 95 останува 84,5 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС – 98  и понатаму ќе се продава за 86,5, а Екстра лесното масло за горење 1 (ЕЛ-1) за 82,5 денари за литар. Цената на  Мазутот М-1 НС останува 41,81 денари за килограм.

РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување кај бензините во просек за 1,23 отсто, кај дизелот намалувањето е во просек за 2,811, кај екстра лесното масло за 1,639 отсто, а кај мазутот има зголемување во просек за околу 0,957 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот е понизок за  0,614 отсто.