Пожарот во нуклеарната централа е изгаснат, без жртви и неколку повредени

17

краинските итни служби кажаа дека успеале да го изгаснат пожарот во најголемата нуклеарна централа во Европа, која ноќеска била нападната од руските сили. Градоначалникот на соседниот град Енерходар, Дмитро Орлов, изјави дека пожарот во централата „Запорижје“ бил предизвикан од неколкучасовното интензивно гранатирање и дека таму веќе нема борби.

Руските сили го зазедоа подрачјето околу централата, која обезбедува речиси една четвртина од електричната енергија во Украина.

Светските лидери и Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА) го осудија нападот, додека САД го активираа својот Тим за одговор на нуклеарни инциденти.

„Пожарот сега е изгаснат, нема жртви. Пожарот гореше непречено еден час пред пожарникарите да успеат да стигнат до зградата“, соопшти Државната служба за итни ситуации.

Оттаму додаваат дека се запалил петкатен тренинг објект и дека огнот не се проширил на самата централа.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги обвини Русите за намерно гранатирање на шесте реактори на централата, користејќи тенкови со термичко снимање.

Од ИАЕА, која е под капата на Обединетите нации, кажаа дека пожарот не ја зафатил суштинската опрема на централата и дека не е забележано покачување на нивото на радијацијата.