Политико за блокадата на Македонија: Вархеји е премногу мек кон Софија, а ЕПП кон Борисов

59

Како и сите други, така и еврокомесарот за добрососедство и проширување, Оливер Вархеји во годината што изминува имаше добри и лоши моменти, анализира Политико, додавајќи дека негова слабост е тоа што е премногу мек кон Софија, додека пак Европската народна партија (ЕПП) не е доволно остра кон бугарскиот премиер, Бојко Борисов.

Лош момент во неговата работа е ветото од Бугарија кон Северна Македонија за отпочнување на пристапните преговори со ЕУ, оценува Политико.

„Блокадата на Бугарија за почнување на преговори на членство во ЕУ на Северна Македонија, поради билатералниот спор околу јазикот и идентитетот ѝ зададе удар на Комисијата, чија цел беше да ги стартува преговорите до крајот на годинава. Некои дипломати го обвинуваат Вархеји дека е премногу мек кон Софија, но повеќето велат дека главниот проблем е што ЕПП не беше доволно тврда кон бугарскиот премиер Бојко Борисов. Вархеји е критикуван дека повеќе е наклонет кон унгарските интереси отколку на интересите на ЕУ како целина, пишува „Политико“. Кога зборува за Србија, изгледа е готов да ги затвори очите поради блиските врски на Србија и Унгарија во енергетскиот сектор, вели дипломат. ЕУ комесарот ги отфрли овие обвинувања“, велејќи дека работи исто како и другите комесари.

Во престојниот период, предизвик за Вархеји ќе бидат обидите да се одблокираат преговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија, а тука клучен играч е германското претседателство, а не Вархеји, смета Политико.

„Додека тоа не се случи, поголем дел од неговата работа е практично замрзната“, пишува „Политико“ во анализата на работата на еврокомесарите додавајќи дека на крајот неговата работа ќе се оценува врз база на тоа колку земјите аспиранти, како што се Србија и Црна Гора ќе се доближат поблиску до ЕУ во неговиот мандат.

Вархеји важи за многу активен во својата улога како еврокомесар, а добар момент е тоа што обезбедил финансиски пакет од 3,3 милијарди евра преку Европската инвестициона банка како помош за Балканот за да се справи со пандемијата како и тоа што учествувал во креирањето на новата методологија за пристапни преговори што овозможи земји како Албанија и Северна Македонија да добијат зелено светло за преговори со ЕУ после противењето од Франција.