Полицајците ќе „полагаат“ тестови за интегритет, а ќе го пријавуваат и својот имот

18

Лицата кои сакаат да се вработат во Министерството за внатрешни работи ќе мора да направат тест за интегритет, пишува Фактор.

Освен на новите вработени, и на веќе „постарите“ полицајци ќе им биде направен ваков тест, а истиот нема да трае засекогаш, односно ќе мора постојано да се реоценува.

Исто така, од порталот додаваат дека за полициските службеници ќе се воведе и обврска за пријавување на нивниот имот и интереси, а истите нема да смеат ниту да членуваат во политички партии.

Овие нови правила ги предвидуваат измените на Законот за внатрешни работи, кој денеска е на второ читање пред пратениците од собраниската Законодавно-правна комисија.

„Заради спречување корупција и злоупотреба на службената положба, а со цел јакнење на интегритетот на работниците во Министерството и превентивно дејствување, организациската единица ќе врши проверка на интегритет преку спроведување тест за професионален интегритет на работниците“, е една од новите одредби што се додава во Законот за внатрешни работи. Оваа проверка кај работниците во МВР ќе се врши континуирано.

Во законските измени стои и дека тестот за професионален интегритет е „контрола на постапувањето на работникот во Министерството во симулирана ситуација, која е идентична на неговите работни задачи, без обврска за претходно известување на организациската единица во која е распореден и работи“.

За ова спроведување на тестот се предвидува одложна примена, односно истиот ќе се изведе дури после една година од денот на влегување во сила на Законот.

Резултатите од тестот можат да бидат индикатор за поведување на предистражна постапка за полицајците, како и да се сменат процедурите за работа, но и да се почне со обука на работниците, додека пак при тестирање ќе мора да се почитува начелото за законитост, основните човекови слободи и права, како и нивното достоинство.

Исто така, оние кои ќе сакаат да се вработат во МВР ќе мора да го стават на увид и својот имот, односно при засновање на работниот однос со министерството, се поднесува изјава за имотна состојба и интереси, во постапка и под услови утврдени со закон.