Полициски инспектори влегоа во фирма на Орце Камчев

62

Фирмата „Монт“, поврзана со сведокот во случајот „Рекет“, Орце Камчев, од утрово е мета на истражните органи. Ден пред најавеното утрешно негово сведочење во постапката против Бојан Јовановски и Катица Јанева, полициски инспектори „чешлаат“ документацијата и во уште две фирми – македонската „Полиестердеј“ и „Горфактори“ од Шпанија. Две од трите фирми се споменуваат за долг од 400.000 евра на ВМРО-ДПМНЕ за финансисрање на кампањата за последните претседателски избори.

Според сознанија на Нова ТВ, „Монт“ и „Полиестердеј“ биле ангажирани за печатење на пропаганден политички материјал, a сè уште е нејасна нивната поврзаност со „Горфактори“. Извори од истрагата ни потврдија дека акцијата е во тек и дека МВР и ОЈО се во постојана координација.

Инаку, на средината на септември, портпаролот на владеачката СДСМ, Костадн Костадинов, на прес-конференција, јавно побара одговор од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на неколку прашања меѓу кои и „дали Орце Камчев е финанисер на изборна кампања на најголемата опозициска партија“.

Според податоци од Државниот завод за ревизија, најголемата опозициска партија во септември ја затворила сметката со неплатени 442.000 евра.