Помалку починати од ковид од претходната недела, но Мало зголемување на бројот на заразени и реинфекции

6

Мало зголемување од 2,1 процент има на бројот тестирањата од ковид-19 во земјава, како и зголемување од 0,9 отсто на новозаболени лица од ковид-19 во однос на претходната недела, покажува извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за периодот од 14 до 20 март годинава. Регистрирани сe 1.834 нови позитивни случаи од 32 градови во државата. Процентот на позитивност е 11,4%. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци и Скопје.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група над 60 години. Најмал број е регистриран кај децата до 9 години. Во однос на претходната недела, се регистрира зголемување на бројот на заболени кај лицата до 49 години, со најзабележително зголемување од 19,5% во возрасната група од 40-49 години и 14,5% од 20-29 години. Кај возрасните групи над 50 години се забележува намалување во споредба со минатата недела, 12,3% помалку кај лицата на возраст од 50-59 и 10,7% кај лицата над 60 години.

И минатата недела продолжи да опаѓа бројот на болни в болница. Според извештаите од болниците, моментално се хоспитализирани 109 лица (33,9% помалку во споредба со претходната недела), од нив 49 се на кислородна поддршка (50% помалку), а три на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација (40% помалку).

Во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнаа 1.772 лица во болница или на домашно лекување. Имаше 309 реинфекции, со зголемување од 15,7% во однос на претходната недела. Пријавени се 15 смртни случаи во 9 градови или за повеќе од половина помалку во однос на претходната недела.

Од почетокот на пандемијата до сега пријавени се вкупно 303.418 позитивни случаи на ковид-19. Најголем дел во Скопје, Куманово, Битола, Прилеп, Тетово и Кавадарци, а највисок морбидитет е регистриран во Кавадарци и Скопје. Највисок морталитет се регистрира во Охрид, Прилеп и Кавадарци. Највисок леталитет во Струга и Крива Паланка.

Регистрирано е намалување на инциденцата во последните две недели во 33 градови, со најголемо намалување во Македонска Каменица и Македонски Брод. Зголемување се забележува во Охрид и Виница, додека состојбата останува непроменета во Кратово.