Поради огромниот број на поштенски гласови ќе доцнат резултатите од четири клучни американски држави

9

Во четирите клучни држави за претседателските избори во САД – Пенсилванија, Висконсин, Мичиген и Џорџија – и натаму не се пребројани десетици илјади гласачки ливчиња, поради што резултатите од изборите ќе бидат неизвесни уште некое време.

Избирачките места во некои држави ќе продолжат да ги бројат гласовите, бидејќи огромен број Американци (повеќе од 100 милиони) гласаа по пошта. Гласовите добиени на тој начин се очекува да му дадат предност на Бајден, додека оние што се поднесени на избирачките места, најверојатно ќе бидат во прилог на Трамп.

Трамп и неговите приврзаници постојано повикуваа на брзо пребројување на гласовите за да може името на победникот да биде објавено во изборната ноќ, иако избирачките места имаат право официјално да ги пребројуваат гласовите во рок од неколку дена или дури и неколку недели.

Но, проблемот е во тоа што пребројувањето на гласовите по пошта, во три клучни држави – Мичиген, Пенсилванија и Висконсин – можеше да започне само за време или непосредно пред денот на изборите, пишува Си-ен-ен.

Демократскиот кандидат Џо Бајден повика на трпеливост рано утрово, додека, од друга страна, Трамп на „Твитер“ објави дека демократите се обидуваат да направат изборна кражба со поштенските гласови. Набрзо потоа „Твитер“ постави назнака за предупредување на неговата објава, во која стои дека станува збор за непроверена информација.

Во Пенсилванија, каде на официјалните лица дури вчера им беше дозволенио да започнат со обработка на стотици илјади гласачки ливчиња, окрузите самостојно мораа да донесуваат одлуки за приоритетите при обработката.

Во Филаделфија, до вторникот вечерта беа преброени околу 75.000 од 350.000 гласачки ливчиња.

На брзината на пребројувањето на гласовите на влијае само нивната бројност, туку и некои други непредвидени проблеми. Во Џорџија, на пример, вчера изутрина пукнала цевка во фирма која се наоѓала над гласачкото место во кое се броеле поштенски гласови, па дошло до одложување на процесот, а на некои места се појавил и проблем со софтверот за обработка на податоци, па имало доцнење.

Републиканците веќе поднесоа тужба со која оспоруваат најмалку 1.200 гласачки ливчиња во продемократската област Монтгомери. Имено, тројцата републикански набљудувачи во федералниот суд изјавиле дека биле сведоци на технички потешкотии, по што округот дозволил да се корегира постапката, иако според нив, гласачките ливчиња требало да бидат поништени.